Интервју со Васил Зидровски. Иноватор и млад човек со интересен поглед на светот
Прегледано: 3664 | Oбјавено на: 22.08.2019
 


Љубопитен по природа. Интересен собеседник. Лукаво паметен кога треба да направи некој алгоритам. „Problem Solver”. Го паметам уште кога беше средношколец и во неполн час направи програма за пресметување на инверзна матрица. И не се истакна со тоа, иако беше најмалиот во група од 13 избрани луѓе кои ветуваа со својот IQ. Знаев да си го наречам Prodigy ама не повеќе, бидејќи не е дете повеќе. Сега е само повеќе од паметен млад човек, со многу проекти зад себе.   

За среќа или несреќа, голем дел од луѓето кои ги познавам често знаат да заталкаат во процесот на образование, а покасно и на пазарот на трудот, учејќи односно занимавајќи се со работи за кои воопшто немаат интерес ниту желба да ги работат. Твојот случај е тотално обратен од ова. Програмските јазици уште како дете ти беа пасија и успеа преку твојата пасија да изградиш и биснис кој веќе и глобално е познат. Што беше пресудно да започнеш да ги изучуваш програмските јазици и воопшто компјутерската технологија?


Зидровски: Математиката и воопшто природните науки ме привлекуваа уште од мал, со текот на времето компјутерите се наметнаа и како алатка каде што можеш да го искористиш тој начин на размислување и да бидеш креативен, да создаваш и да се искажеш себеси. Можноста да натераш машина да прави како што ќе и кажеш изгледаше многу примамливо. Не мислам дека имаше пресуден момент, тоа е процес каде што избираш патека која најмногу ти одговара и се трудиш да бидеш добар во тоа.

Nulius и Nula Labs. Што е приказната позади овие две имиња? Зошто одлучи да не се вработиш во некоја голема компанија и „гордо да се криеш“ позади големиот бренд на некоја development компанија?

Зидровски: Nula Labs е име кое нуди outsourcing услуги и во изминативе 6 години сме завршиле околу 20 проекти за отприлика десетина стартапи и мали бизниси. Nulius е веб платформа за креирање на проектни апликации и е транзиција на Nula Labs која сѐ уште трае, во обид да понуди свој производ на пазарот.

Две години во development компанија ми беа доволни да сфатам дека тоа не е за мене, барем засега. Без разлика дали е мала локална компанија или светски гигант, секогаш ќе има ограничување во креативна слобода, технологија, напредок, заработка, слободно време итн. и моментално е идеално тоа што тие ограничувања зависат само од мене.

Љубопитните луѓе често знаат да бидат фасцинирани дури и од малите работи. И тоа е умешност која малкумина ја имаат. Што тебе повеќе те фасцинира? Луѓето или технологијата?

Зидровски: Нештата се фасцинантни се додека не ги сфатиш. За разлика од технологијата која што е релативно лесна да се сфати, со човекот само сфаќаш дека се повеќе и повеќе не знаеш. Човекот како најсофистицирана машина во светот што го знаеме, уште долго ќе биде над технологијата, барем додека вештачката интелигенција не достигне понапредно ниво. Технологиите кои преку социјалните мрежи се нудат како забава, актуелната FaceApp, Deepfake техниката и уште многу други примери имаме мал допир со тоа што следува и доаѓа време каде што тешко ќе се распознава што е реално. Ќе биде интересен и спојот помеѓу двете, веројатно ќе се случат и многу работи кои моментално не можеме ни да ги предвидиме. Сакам да кажам, ако продолжам да го одложувам интервјуто доволно долго, прашањево ќе стане ирелевантно :).

Финансиите се добар мотив да се биде програмер, но уште подобро е да знаеш дека со твојата работа си решил проблем кој што ќе им го подобри или олесни животот на повеќе луѓе? Што е она што е најголем мотив да се занимаш со твојот бизнис?

Зидровски: Со текот на времето мотивите се менуваат, а листата е долга - шанса да научиш, да работиш со интернационален тим, да работиш на проект кој ти е предизвик, да водиш тим, да патуваш, да си решиш свои проблеми, да решиш нечии проблеми, да балансираш помеѓу работата и животот, се тоа некогаш ми бил најголем мотив. Верувам поважно е да се има краткорочни цели отколку главен мотив кој во сегашноста изгледа премногу далеку и неостварливо, но ете, НЗС на сите тие мотиви е слободата очигледно. Да можеш да ја адаптираш работата на твоите потреби, наместо обратно, сметам дека е реткост денес.

Малкумина знаат дека мошне голем напредок во технологијата имаат и луѓе кои несебично работеле на проекти во кои примарен мотив не била финансиската надокнада. Таков пример е целата приказна околу Linux,  и многу други приказни. Кое е твоето размислување за тоа, посебно во време на прифаќање на либертаријанството како начин на размислување?

Зидровски: Тоа се луѓе кои избрале пат кој нив им бил логичен и верувале во идејата, наспроти мнозинството и нивните сфаќања. Во примерот кај Linux, организацијата која го води е непрофитна, но голем дел од луѓето кои работеле на оперативниот систем работеле за финансиска надокнада. Поентата е дека треба да бидеме отворени за прифаќање различни начини на размислување и да се адаптираме на условите, без обврска некој претходен начин на размислување да се исфрли комплетно. Денес Linux/Unix го движи најголем дел од интернетот, вебот, голем дел од уредите кои ги користиме дома и што ли уште не.

Тоа е и начин за луѓето без работно искуство да најдат работа и да излезат од магепсаниот круг каде работодавачот бара да имаат искуство за да ги вработи, а нив им треба работа за да стекнат искуство. Неколку месеци работа на проект за без пари, може да биде одлична инвестиција на почетокот на кариерата.

За оние кои не го знаат концептот на Open Source Software (OSS, или FLOSS), како најлесно би го објаснил концептот и потребата на ваков концепт во општество во кое заработката станува императив на живеењето?

Зидровски: Отворениот код овозможува поголем напредок давајќи можност секој да даде свој придонес и секој да ги користи бенефитите од него. Со текот на времето се покажа дека таквиот софтвер е многу постабилен и посигурен од софтверот со затворен код, иако и секој злонамерник може да го прочита. Од друга страна, видовме што се случи со софтверот на Boeing само затоа што крателе на трошоци, како најактуелен пример. Компаниите кои во голем дел направија заработката да е императив во нашето општество се тие кои размислувале прогресивно во некое различно време и веројатно ќе дојде време кога ќе застанат и сменат курс, затоа што може и подобро, само ако без страв ги прифатиме новите предизвици. Microsoft е класичен пример за таа транзиција, претворајќи се од лут соперник во одличен тимски играч.

Што е најголемиот предизвик за да се заврши добро еден комплициран dev проект? Што значи да се реши еден проблем со помош на тим кој ретко кога е комплементарен но работи на слични задачи?

Зидровски: Да се биде отворен кон нови предизвици е најголемиот предизвик. И ако ја тргнеме технологијата настрана, предизвик може да е комуникацијата со клиентот или комуникацијата во тимот на пример. Постојано наоѓање решенија на такви проблеми имплицира постојано учење, многу експериментирање и многу грешки, без разлика на претходното искуство.

Да се реши проблем со тим кој не е комплементарен е успех на патот кон креирање на комплементарен тим, затоа што таков тим не се составува туку се создава. А тој пат, денес, во време кога луѓе често менуваат кариери, работни места, шанси никнуваат и пропаѓаат на секој чекор, е бесконечен.

Знаејќи дека и филозофскиот поглед на животот е нешто во кое Васил е добар, често не сум имал време да го запрашам едно интересно прашање. Во неполн век, технологијата и економијата ја сменија смислата на живеењето (или барем за некого). Светогледот кај луѓето често неправилно осцилира измеѓу „Мислам значи постојам“, „Имам значи постојам“ и најновиот тренд на социјалните медиуми „Споделувам значи постојам“. Каде најчесто покажува твојот егзистенцијален компас?

Зидровски: Трите идеологии отсекогаш биле легитимни, технологијата само ги амплифицира истите, а наш е изборот на која од нив ќе дадеме приоритет. Со напредокот на технологијата имаме привилегија да многу работи ни бидат олеснети и да не мора да размислуваме за нив, од друга страна привилегијата да бидеме свесни за сѐ околу нас ја сфаќаме несериозно.

Но, важно е да не живееш само во својата глава и важно е да го споделиш тоа со другите, јас само се обидувам да најдам баланс помеѓу тие две.

Му се восхитувам на техничките знаења, а му љубоморам на постигнатите времиња на полумаратоните кои најчесто знаеме заедно да ги истрчаме. Го делат неколку минути од оние кои професионално се занимаваат со трчање. На што се должат неговите резултати и како започна таа приказна со трчањето?

Зидровски: Далеку сум јас од добри времиња, ама сум среќен што постојано ги подобрувам. Трчањето за мене постоело секогаш, само во различна форма, како дел од други спортови кои сум ги практикувал постојано. Но, кога професијата те тера да седиш по неколку часа дневно на столица, пробуваш да ја неутрализираш штетата врз телото со физичка активност. Така почнав со поинтензивно возење велосипед, а потоа и трчање. И неслучајно се одбрани спортови кои можеш да ги практикуваш сам и да не чекаш на никого. Конзистентноста, слушањето на своето тело кога да одмориш а кога да исфорсираш и некои локални настани за подигнување на мотивацијата се причините за подобрување на резултатите. Следен логичен чекор е триатлон, затоа што зошто да бидеш лош во два спорта кога можеш да бидеш во три одеднаш.

Програмираш. Трчаш. Возиш велосипед. Но сепак најдуваш и време и често посетуваш концерти или музички настани кај нас, но и во странство. Што е она што го имаат во развиените земји на овој план а фали и кај нас? Кој е последниот настан кој го посети?

Зидровски: Фали локална сцена, штета е што порано ја имавме, а сега ја нема, но, тоа што се случува во нашето општество не остава многу простор за уметност. Генералната слика е додека на запад создаваат историја со музиката, ние само ја славиме тука.

Има и светли точки, како на пример Д-Фестивал во Дојран - случајно и последниот настан кој го посетив и баш на такви места преку музиката се допира до младите и се поттикнуваат на акција.


Интервјуто го подготви: Дражен Котески

Фотографии: Васил Зидровски



Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations