ТАКСИРАТ 15 годинава се одржува во две хали!
Прегледано: 1070 | Oбјавено на: 19.12.2013
ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ е подготвен за финалната вечер на своето петнаесетто јубилејно издание која ќе се одржи на 28 декември во „Метрополис Арена“ во Скопје. По одржаните повеќе промотивни настани во рамки на претфестивалската програма, време е и „таксиратлии“ да се подготват за вечерта која ветува дека ќе биде фестивалско искуство, исполнето со позитивна енергија и извонредни концертни настапи, а со која на најубав начин заедно ќе ја заокружиме оваа година.

Петта година по ред, најголемиот поддржувач на Таксират, ОНЕ, останува доследен на заедничките вредности: промоција на музика, култура и мулти-културализам, актуелност, инвентивност, префинетост, одговорност и свест за актуелни глобални и социјални теми и секако доследен на идејата `Заедно да го превртиме Скопје наопаку` која станува лајф мотив и на најкритички настроената музичка публика.

На ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ, пред македонската публика ќе настапат 12 артисти, во рамки на програмата за главната вечер која годинава ќе се одржи во две хали. Имено, покрај главната бина во „Метрополис Арена“, годинава ТАКСИРАТ ќе го претстави денс стејџот кој со програмата која ќе се одржува во втората хала, ќе го збогати фестивалот со уште неколку значајни имиња од светот на електронската музика и домашната хип-хоп сцена.

Програмата, грижливо селектирана во духот на ТАКСИРАТ, вклучува еминентни претставници на различни музички стилови од светската, регионалната и домашната музичка сцена. Со сигурност можеме да кажеме дека заедничка карактеристика на артистите задолжени за уште едно незаборавно издание на фестивалот, е нивната препознатливост по исклучително добрите настапи во живо. На наше особено задоволство, поголемиот дел од нив за прв пат доаѓаат со настап пред македонската публика.
Веќе најавените имиња од програмата на ТАКСИРАТ 15 ги вклучува: панк рок иконите THE EXPLOITED, импресивниот и моќен ска панк бенд THE LOCOS, еден од најдобрите балкански бендови ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, легендарниот рокенрол бенд МАЈКЕ, предводниците на регионалната инди сцена BERNAYS PROPAGANDA, српскиот хип хоп феномен БЕОГРАДСКИ СИНДИКАТ, великанот на детроитската техно сцена CARL CRAIG, лидерот на хаус музиката DENNIS FERRER и едни од најдокажаните хип-хоп артисти на домашната сцена, ЛД ПИСТОЛЕРО и ГОЦЕ (САФ).
Покрај нив, програмата на фестивалот е збогатена со уште две имиња од домашната сцена: диџејот и продуцент САМОИЛ РАДИНСКИ и панк групата ЛОШИ ДЕЦА!

САМОИЛ РАДИНСКИ активно ја промовира електронската музика уште од самите почетоци на оваа музика како движење. Најпрво преку работата на неговиот сопствен ЦД клуб „Саго“ каде што работеше исклучиво со андерграунд музика, а потоа и со отворање и менаџирање на првиот клуб за електронска музика во Македонија „Спутник“ каде што започна и професионално да работи како диџеј. Тој исто така има работено како промотор и сега е хост на радио шоуа кои промовираат хаус и техно музика, се појавува на ТВ шоуа, настапува како диџеј насекаде низ Македонија, но и во странство. Тој е еден од основачите на промоторската организација Balance и неколку години живееше во Прага, Чешка каде што настапуваше во етаблирани клубови и фестивали како Creamfields. Покрај работата зад диџеј пултот, тој работи и на музичката продукцијата поради што и ја оформи Logos Recordings. Ги промовриал и настапувал со низа артисти како што се Derrick May, Kevin Saunderson, Carl Craig, Kenny Larkin, Gene Farris, Fabrice Lig, Funk D’ Void, Mr C, Octave One, Christian Smith, Samuel L Session, Vince Watson, Dj Bone… и тн. EPM за него вели: Самоул е со секое право во првите редови на новата авангарда на европската денс музика. Orlando Voorn вели: „уште еден брат кој многу добро го разбира она што го работи, вистински воин на софистицираната андерграунд музика“.

ЛОШИ ДЕЦА е бенд формиран во 1997/1998 година под името Солунски атентатори и под влијание на бендовите од англиската OI!-Punk сцена како: Condemned 84, Cockney Rejects, Blitz, Cock Sparrer, Infa Riot, Ejected и други... Во 2000. го менуваат името во Лоши деца. После првиот албум „Начин на живот“ (2003) следат настапи и со познати панк бендови како Toy Dolls, UK Subs и многу други. Лоши деца минатата година се вратија активно на сцената со својот втор албум „Борбата продолжува“ кој го промовираа на PIN конференцијата во Скопје. Оваа година ќе ги отворат вратите на јубилејниот 15ти по ред Таксират фестивал.

Хала 1:
THE EXPLOITED (Шкотска)
THE LOCOS (Шпанија)
ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ (БиХ)
BERNAYS PROPAGANDA (Македонија)
МАЈКЕ (Хрватска)
БЕОГРАДСКИ СИНДИКАТ (Србија)
ЛОШИ ДЕЦА (Македонија)

Хала 2:
CARL CRAIG (С.А.Д.)
DENNIS FERRER (С.А.Д.)
LD PISTOLERO & ГОЦЕ САФ (Македонија)
САМОИЛ РАДИНСКИ (Македонија)

Влезниците за ТАКСИРАТ 15 се веќе достапни во претпродажба по промотивна цена од 450 денари, а истите можете да ги набавите преку продажната мрежа на МКтикетс.
Време е да се тргне!
Преврти го Скопје наопаку!
 
Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations