Направи добро и изгуби пријател
Прегледано: 2272 | Oбјавено на: 11.06.2020
  • Направи добро и изгуби пријател

     Доколку сакате да изгубите одредена личност од вашиот живот, тогаш само направете и нешто добро. Ова е правилото кое се востанови во македонското животно милје. 
 

Автор: Тодор Стојчевски

 

Доколку сакате да изгубите одредена личност од вашиот живот, тогаш само направете и нешто добро. Ова е правилото кое се востанови во македонското животно милје. Долго време размислувам и анализирам, а верувајте и стопроцентно потврдувам од лично искуство, функционира. Направете едноставен експеримент и помогнете некому. Онака, искрено, пријателски, без „зад-грбни намери“. Ќе се изненадите од успешноста на планираното и реализираното. Пријателот/ката многу бргу ќе Ви ги покаже контурите на сопствениот грб.

 

Зошто? Затоа што доколку направите нешто добро, тогаш „другата страна“ се чувствува неубаво. Таа живее во сопствената матрица каде е востановено верување дека ако некој ти направи добро, тогаш има „задна“ намера и сигурно, планира нешто таинствено. Или во иднина ќе бара нешто за возврат или сака да реализира нешто преку мој грб. Да се доближи до другар ми, да ме искористи за контакт со другарка ми. „Сто проценти, тој/таа ќе побара нешто за возврат и затоа, најдобро е да не прифаќам добрина од никој“. Признајте колку пати сте се нашле во ваква ситуација!?

 

Затоа што, доколку одреден човек е изложен на лошотија извесен временски период (како што е целокупниот народ на земјава ни), тогаш лошото однесување станува „модус вивенди“. Едноставно, се врежува во генетската ДНК и станува насушна потреба. Лошото многу лесно се трансферира во добро. Лесно се пакува и затскрива. Лесно се „продава“. Уште полесно се купува.

 

Во принцип не генерализирам, но затоа и имате лоши вести на медиумите. Демек, тоа го сака народот. И да, навистина го сака. Или имате лоши политичари. Оние што беа добри, одамна заминаа од политичката сцена. И народот ги гласа секогаш лошите. Затоа секогаш ги казнува и никогаш не гласа „за“. Или економијата оди надолу. Добрите економисти тешко доаѓаат до позиција нешто да реализираат. Искрениот професионален и човечки пристап на одреден носител на јавна функција се слави како на земјава повторно да стапнал Исус или Мухамед. А тоа треба да е нашиот модус вивенди. Секој што е избран на функција, да биде добар, квалитетен, да мисли на народот, на доброто на нацијата, а со тоа и на сопственото добро и на доброто на сопственото семејство.

 

Недоволно ми е јасно зошто кога ќе направите добро, едноставно Ве множат со голема нула. Ве прават наивен, малку или малку повеќе глуп, недораснат, нереален. Личност што не знае да се прилагоди на реалноста, де факто, не е паметна, не е интелектуалец, не е способна.

 

Сепак, иако се сложувам со сите овие квалификации, верувам и одлучив да продолжам да правам добро. И колку и да има лошотија околу мене, сепак верувам и знам дека има добри луѓе кои го препознаваат и вреднуваат доброто. Има луѓе кои се имуни на ударот на лошотијата. Личниот компас, се уште, ги покажува вистинските вредности. Затоа, верувам дека овој наслов на текстот наскоро ќе го преименувам во „направи добро, добиј уште еден пријател“.

 

Дотогаш, останува само да се надевам и да верувам. И да не верувам во изреката дека „добар и будала не се исти, затоа што добар е поголема будала“. Ве поздравувам со најновата здравица „биди негативен, не позитивен“ J J J

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations