Јога – алатка за надминување на стресот и стравот
Прегледано: 1868 | Oбјавено на: 30.03.2020
 


Јога – алатка за надминување на стресот и стравот

 

Кога ќе го слушнете зборот „јога“, што прво ви доаѓа на памет? Истегнување? Смиреност? Релаксација? Невозможни положби? Дишење? Или можеби си мислите „звучи добро, но навистина јас немам време за тоа“ или „мене тоа не ми треба“ или „јас тоа не би можел да го правам“.

Јогата како дисиплина во денешно време е веќе општо позната. Скоро и да не постои некој што не чул за неа, голем број луѓе веќе и ја практикувале, а на некои од нив им станала и начин на живот. Со самото тоа, познати се и нејзините бројни придобивки, од истегнување на мускулатурата, подобрување на флексибилноста, ослободување од вознемиреноста и стресот, воопшто подобрување на физичката, менталната и емотивната состојба.

Корените на јогата датираат од пред повеќе од 5000 години, а денес таа постојано се адаптира на потребите на современиот човек.

Досега, низ целата динамика во која се наоѓаше човекот, јогата му служеше како алатка за да го „успори“, да му помогне да се справи со сите предизвици, да се ослободи од стресот, да се раздвижи после долгото седење пред компјутер, да го потсети на важноста од одржување на добра здравствена состојба – телесна и ментална.

Денес, сите сме пред уште еден голем предизвик. Сега се наоѓаме во комплетно спротивна ситуација од онаа во која бевме до вчера. Опкружени сме со страв, паника, пренатрупани со секакви информации кои нѐ прават уште повознемирени. Целата динамика спласна, долго посакуваното „успорување“ и „слободното време“ сега ги имаме на претек и не знаеме што со нив.

И во вакви услови јогата може да ја одигра главната улога, бидејќи ја има таа моќ да нѐ доведе во баланс, без оглед на околностите во кои се наоѓаме. Јогата ни нуди еден друг пат, свежа перспектива во однос на тоа како да се справиме со настани кои се надвор од наша контрола. За да успееме подобро да се справиме со „наметнатата“ анксиозност и да се ослободиме од стравовите, на располагање ги имаме сите нејзини техники, меѓу кои: асани (телесни положби), пранајама (техники на дишење) и медитации (ментални техники). Нивното комбинирано практикување ќе ни донесе бројни позитивни ефекти, кои ќе ни помогнат да се справиме полесно не само со сегашната ситуација, туку воопшто со сето она што може да ни го приреди животот. Сите јогиски техники ќе нѐ направат поиздржливи и поприлагодливи на сите промени, го подобруваат имунитетот, ослободуваат од стрес, помагаат да се чувствуваме поенергични и посреќни, да имаме подобра концентрација и меморија, да имаме подобар сон, да го цениме животот повеќе.

Наглата промена на начинот на живот претставува еден вид на траума за нас, физичка и ментална, и нејзините ефекти остануваат да живеат во нашето тело. Редовното практикување на јогиските техники нема да дозволи да тие ефекти имаат продолжено негативно влијание врз нашето тело и ум. Првично ќе го амортизираат таквото влијание, а потоа полесно ќе нѐ вратат во посакуваниот баланс.

Затоа, додека седите дома, почитувајќи ги сите официјални препораки за заштита од Корона, внесете ја јогата во вашето секојдневие и дозволете ѝ да ви помогне во победата над вашата нетрпеливост, анксиозност и страв.

 

Марија Садана

(Master Yoga Teacher 500HR)

 

 

 

 

 


Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations