Митрикески ќе снима љубовен филм
Прегледано: 2218 | Oбјавено на: 11.03.2013
 На 20ти мај, почнува со снимање долгометражниот македонски игран филм „Децата на сонцето“ според сценарио на еден од најреспектибилните балкански писатели Гордан Михиќ, автор на култните писанија „Среќна нова 49“, „Дом за бесење“, „Црна мачка бел мачор“, „Заборавени“, „Туѓа Америка“ и уште многу други. Филмот ќе го режира Антонио Митрикески. Ова е негов трет игран филм на кој му предходат „Преку езерото“ во 1997 година и „Како лош сон“ во 2003 година. Продуцент на филмот е Дејан Милошевски. Директор на фотографија е Јарек Шода од Полска, кој соработуваше со Митрикески на филмот „Како лош сон“. Автор на музиката е Влатко Стефановски, кој во филмот ќе глуми и епизодна улога. Главната машка улога му е доделена на младиот македонски актер Кире Ѓоревски, кој се има образувано во Бугарија, каде живее и работи како драмски актер, пантомимичар и балетан по современ танц. За женската главна улога, филмскиот тим е во преговори за млада актерка од Македонија или од странство. Режисерот е во преговори со уште неколку големи домашни и странски актерски ѕвезди, кои засега ќе останат во тајност. Планирано е да се снима 36 дена. Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Словенија и Србија. Сепак, најголемиот дел од средства се обезбедени од Филмскиот Фонд на Република Македонија, а другите држави влегуваат во овој проект како малцински. Речиси сите локации за снимање се наоѓаат покрај самото езеро, каде што ќе бидат изградени и адаптирани објекти. При тоа, филмската екипа внимава и ќе обрне сериозно внимание кон зачувување на природата, бидејќи, над се, целта на режисерот е да ги покаже убавините на Преспа.


***
Филмот "Деца на зимското сонце" е љубовна приказна во која главни ликови се Ангела и Марко. Дејствието се случува на периферијата на едно мало гратче крај Преспанското Езеро. Проследени се доживувањата на семејството на Ангела. Таа е ќерка на Кале и Мира, кои имаат уште два сина и една ќерка. Кале држи кафеана, во која му помагаат неговата сопруга и децата. Мира дознава дека од Германија е многу богат човек, што се вика Фурда и решава дека ќерка и Ангела треба да се омажи за тој богат човек и да се спасат од сиромаштијата. Но, Ангела е во љубовна врска со Марко, телохранителот на мафијашот Сони. Таа жестоко се спротивставува на желбата на мајка си да се омажи со тој човек кој не го познава...,

***

Љубовната филмска приказна ќе се снима на крајбрежјето на Преспанското езеро.
„Имам одлични соработници, кои несебично работат. Задоволство ми е да работам со млада екипа, на кои желбата и љубовта за креативна работа им е навистина силна. Случувањата во филмот се проткаени со еден лесен, не наметлив хумор. Да, навистина има доста здрав хумор, верба и надеж за опстанок на едно семејство. Над се, "Деца на сонце" е љубовен филм“ вели режисерот Митрикески.
Филмовите на Митрикески се преплавени со виртуозна визуелност и поезија. Тие се суптилна студија на човечката емоција со малку дијалог. Митрикески е сликар во филмската уметност.
„Во предходните мои два долгометражни играни филмови и во повеќето кусометражни и документарни филмови, кои ги имам снимено, најчесто го одразувам времето во кое што живееме и создавам дела, кои што носат позитивна енергија. Филмовите како што е и потенцирано од голем број критичари имаат визуелни глетки, работени се едноставно, без големи претензии. Имаат емоција и ликовно обликуван кадар. Целата ми е да се искаже постојаната борба за опстанок на една фамилија. Ќе ги прикажам крајностите од Балканот, корените кои се поврзани со другите Европски земји. Филмската приказна ќе ја прикажам преку различни карактери, во една јасна, чиста структура со класичен почеток, развој и крај кој резултира во надеж. Стилот ќе биде бајковит со трагикомични сцени, со лесен хумор ќе се почувствуваат тешкотиите на животот, ќе се почувствува љубовта и почитувањето во семејството со сите мани и несовршености.. Под досетките, ненаметливите шеги на протагонистите се крие нивниот стимунг, желба за живот. Гледачот ќе почувствува дека ликовите навистина заслужуваат среќа. Визуелните глетки ќе бидат работени едноставно, без претензии ќе предизвикуваат емоции. Визуелниот јазик внимателно ќе биде насочен кон основните елементи, како композицијата и ликовното обликување на кадарот. Камерата во движење или во мирување ќе ги открива скриените знаци на просторот, времето и луѓето. Преку ритамот ќе се настојува да се допре до душата и поетичноста. "Светот нема да го направиме подобар ниту поопасен за живеење, го правиме позабавен" објаснува режисерот.
Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations