Уште две недели од снимањето на „Деца на Сонцето“
Прегледано: 4898 | Oбјавено на: 15.07.2013
 Од вкупно шест работни недели колку што е предвидено снимањето на долгометражниот игран филм „Деца на сонцето“ во режија на Антонио Митрикески, екипата досега снимаше цели четири недели на крајбрежјето во Преспа. Следниве две недели, кои преостануваат ќе се снима на локации низ Скопје, Гостивар и Охрид. Кон средината на неделава, екипата се сели во главниот град на Републиката, каде ќе се снимаат сцени во Железничката станица, околу центарот на градот, во Жена паркот, делови во едно казино и во приватна вила, а последните денови од снимањето се резервирани за Охрид, каде ќе се снимаат подводни сцени.  

Режисерот Митрикески е повеќе од задоволен од сработеното:

„Она што најмногу ме радува е што работам со извонредно добро организирана екипа. Нема да се стеснам да кажам дека оваа екипа е досега најподготвена и најпрофесионална од целокупното искуство, кое досега сум го имал на филм. Се придржуваме стриктно до зададените планови и не само што не дозволивме да доцниме ниту ден, туку сме и малце понапред од планираното. Земете предвид дека имавме масовни сцени по десетина актери во кадар, кои ги работевме во екстериерни услови, на зајди сонца, и сепак успевавме да ги снимивме во рок и да го фатиме тој величествен момент кога сонцето заоѓа и немавме потреба да доцниме или да преснимуваме. Имавме сцени со глумци од 7 до 77 години, тешки за снимање, во вода, на чамци, а сепак успеавме без нервози и доцнења да ги снимиме. За искусните актери кои играат во филмот, немам коментар, тие се вистински магови во својата работа, како Владо Јовановски, Милица Стојанова (чија улога и е досега најголема на филм), Мето Јованоски, Билјана Танески, босанската ѕвезда Емир Хаџихафизбеговиќ, Данчо Чеврески, Александар Микиќ, Камка Тоциновски.... а младата актерка Ивана Павлаковиќ, која ја игра главната улога и која наедно дебитира на филм е големо откровение за мене. Чудо од актерка. Допрва ќе се слуша за неа. Таа ги надмина моите очекувања. Начинот на кој има чувство пред камерата и за тоа како ја сака камерата, ќе се уверите и самите. Не можам, а да не го споменам и младиот актер нејзин партнер во филмот Кире Ѓоревски, кој исто така многу автентично го пресликува ликот на Марко. Феноменален е!“ вели Митрикески.  

Она што е карактеристично е тоа што поголемиот дел од филмот досега е сниман со камера во рака. Особено масовните сцени со многу актери во нив и сцената со пожарот за која се користени две камери од рака. За овој филм режисерот и директорот на фотографија Јарек Шода користат светла гама, иста како во неговиот прв филм „Преку езерото“.

„Одиме со котра светло цело време и користиме светла гама. Низ целиот филм има јасна фотгорафија. Сите овие ефекти симболизираат среќа и живот. Како што се вели во Библијата „Да станеме како деца...ако сакаме да влеземе во царството Божје“. Така и во филмот... Тие се деца на сонцето, кои умеат да простуваат“ вели режисерот.

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations