Џонсон Мети ја лансираше следната генерација „Програма за професионален и лидерски развој “
Прегледано: 976 | Oбјавено на: 18.04.2022
 

Џонсон Мети, традиционално, ги поддржува студентите. Надоврзувајќи се на веќе успешната програма за практикантска работа со можности за вработување, компанијата ја лансира новата пилот програма во Скопје – Програмата за професионален и лидерски развој на студентите. Програмата е наменета за талентирани студенти од завршните години на студии во кои покрај професионален развој, на студентите ќе им се овозможи и развој на лидерски и меки вештини. Програмата за лидерство е единствена, бидејќи вклучува 4 различни ротации на работни места, 3 модули и вкупно 270 дена обука, а директорот на фабриката Џонсон Мети во Скопје e еден од директните ментори.

„Програмата има цел да ги идентификува идните млади лидери, да ја продлабочи соработката со универзитетите, да го поврзе образовниот процес со реална работна средина каде младите студенти ќе имаат можност да работат со врвни професионалци на реални проекти. Во текот на целиот процес, студентите ќе бидат следени и менторирани од врвни професионалци во својата област кои во иднина, ќе им помогнат во нивниот кариерен развој“, вели Ана Апостолова, менаџер за човечки ресурси во Џонсон Мети.

Во првата фаза од пилот проектот учествуваат 4 учесници: Јана Митреска, Јаков Лазаровски, Ајлена Беќири и Зехра Ќуфлију. Џонсон Мети обезбедува соодветен финансиски надоместок, транспорт, храна, ИТ опрема и позитивна работна атмосфера за сите учесници во програмата, вели покровителот и ментор на програмата Боријан Борозанов, генерален директор на Џонсон Мети Скопје. За Џонсон Мети, ова е долгорочна инвестиција во идните бистри умови и во градењето долготрајна врска со Машинскиот и Електро-техничкиот факултет. Тоа е програма која е наградувачка и за менторите и за практикантите, кои имаат силни позитивни повратни информации за програмата.

Практикантот Јаков Лазароски коментира дека досегашното искуство е повеќе отколку што очекувал. „Моментално сум во одделот Clean Air Production Systems (системи за производство на чист воздух). Сосема сум задоволен затоа што мојот ментор Александар и покрај неговата работа и обврски успева да ми помогне да го добијам знаењето за системот и работата, да ми посвети посебно внимание и да ми помогне таму каде што не можам да успеам сам. Потребно е да ја нагласам и добрата работна атмосфера. За само неколку недели научив толку многу практични работи. Ова стажирање ќе има големо позитивно влијание врз мојот работен живот“.

Неговата колешка Зехра Ќуфлију, исто така, препознава дека луѓето и поддршката што ја добива имаат огромно влијание на нејзината мотивација и со нетрпение ги очекува следните предизвици. „Мојот програмски модул се состои од четири ротации низ Џонсон Мети: Автоматика, CAPS, Снабдувачки синџири и Квалитет. За време на мојата прва ротација, работев во одделот Автоматика на реални проекти, каде што бев изложена на сите видови програми за контрола на процесите, вклучувајќи широк спектар платформи за автоматизација, опции за следење и техники за мрежно поврзување. Најдобриот дел од мојата работа е што учам нешто ново секој ден, додека се справувам со сложени проблеми заедно со поединци кои имаат заедничка цел“.

Јана Митреска е уште еден практикант со позитивен впечаток за програмата и за Џонсон Мети. „Мило ми е што ќе бидам дел од „лансирањето“ на оваа програма и се надевам на понатамошно учење и развивање. Ми се допаѓа како работи и функционира целиот тим и како секој член и покрај своите работни обврски, секогаш е ангажиран и подготвен да не научи и да објасни што и како функционираат“.

Ајлена Беќири е четврта практикантка и има слично искуство: „Почнувајќи од самиот процес на регрутирање, се почувствував ценета од претставниците на компанијата. Иако немав јасна слика за тоа што да очекувам од оваа програма, воодушевена сум од секојдневните предизвици со кои се соочувам. Прво нешто што забележав беше колку добро беше организирана работата од сите вработени и колку тие се придржуваа до правилата за работа, однесување и безбедност, особено правилата поврзани со КОВИД-19. Очигледно, успехот на самата компанија е показател за тоа колку сите се однесуваат одговорно и професионално“, додаде Беќири.

Сите практиканти се приклучија и на глобалната програма “Sustainability activities” („Одржливи активности“), во која ќе работат со глобални претставници на компанијата и надворешни експерти.

***

Британската компанија Џонсон Мети ја користи науката за да создаде почист и поздрав свет. Џонсон Мети е светски лидер во производството на катализатори за автомобилската индустрија и системи за контрола на катализаторите. Џонсон Мети работи во повеќе од 30 земји во светот и вработува повеќе од 15.000 луѓе. Една третина од сите нови возила ширум светот имаат катализатори на Џонсон Мети. Џонсон Мети ја избра Северна Македонија како дестинација за својата европска мега-фабрика за автокатализатори во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1.

Ја инспирираме науката, го подобруваме животот.

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations