Младите против радикализацијата во општеството
Прегледано: 236 | Oбјавено на: 11.05.2021
 Младите против радикализацијата во општеството

Неколку граѓански организации иницираат создавање платформа каде што преку едукација на младите ќе се работи на превенција од појава на радикализација. Оваа активност е главна цел на тригодишниот проект “Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација - (Младите против насилство)”, предводен од Иницијатива за Европска перспектива (ИЕП), во партнерство со организациите Нексус – Граѓански концепт, Здружението за развој и активизам – Аква од Струга, Центар за интеркултурен дијалог (ЦИД) од Куманово и организацијата Градење на заедницата од Митровица – Косово.

Досега овие организации одржаа три работилници на кои разговараа за контра-наративите и алтернативни наративи за спречување на радикализација што може да доведе до насилен екстремизам и тероризам и за улогата на граѓанските организации во превенција од радикализација.

Во рамки на работилницата која што се одржа во Куманово, во организација на Центарот за интеркултурен дијалог, реализацијата и идејата на проектот ја поздрави и советникот за млади и младински политики во Владата на Република Северна Македонија, Ѓорѓи Тасев, кој изрази огромно задоволство од креирање на платформата која ќе работи со младите и ќе ги зајакнува нивните капацитети во насока на градење мир, соживот и толеранција.

„Оваа платформа ќе ги обедини граѓанските организации кои работат со млади на темата радикализација и заеднички ќе работиме на спротивставување на насилството и радикализација на младите, преку подобрување на меѓуетничката соработка, почит и рамноправност, како и поголема промоција на спортот и уметноста. Во наредниов период ќе организираме низа средби, состаноци на кои ќе ги усвоиме правилата и процедурите на платформата, како и ќе организираме обуки како дел од процесот на јакнење на капацитетите на граѓанските организации“, потенцира Валерија Соколова Стојановска – проектен директор Иницијатива за европска перспектива.

Афродита Муслиу, претседател на Нексус – граѓански концепт истакна дека “Нексус е организација која се стреми да го поттикне граѓанинот, а особено младите на ненасилен начин да ги реализираат идеалите за права и слободи преку надградба на своите вештини, знаења и користење на расположливите ресурси. Тоа всушност е и целта на овој проект - да изградиме платформа на граѓански организации кои заедно ќе работат со младите и ќе ги насочуваат кон позитивни вредности и активности како средство против радикализација која може да води до насилен екстремизам”.

Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД), e организација која што работи на интеркултурно прифаќање и активно граѓанство, преку младински политики, едукација и градење на капацитетите на младите луѓе. “Следниве три години ЦИД ќе работи и на овој проект придонесувајќи заедно со другите партнери да се воспостави оваа платформа, како и нејзино градење, ширење и промоција за што е можно да се вклучат повеќе организации”, истакна Тамара Петковска – проектен асистент ЦИД.

Мисијата на Здружението за развој и активизам Аква е да придонесе кон локалниот развој, демократија и јакнење на граѓанскиот активизам, додека визијата е да се изгради средина со активни граѓани кои го унапредуваат не само индивидуалниот, туку и колективниот развој. “Една од целите на Аква е и поддршка и јакнење младинскиот активизам и ангажирање на младите во граѓанскиот сектор, така што како партнери во овој проект може многу да придонесеме, користејќи ја оваа можност да делуваме локално, а да мислиме глобално”, изјави Валентина Тодороска – проектен асистент АКВА.

Во рамки на проектот, досега, се изработи и основна студија за состојбата со радикализација на младите, насилниот екстремизам и тероризам во Северна Македонија од страна на експертот Елена Миленкоска – Михаиловска. Таа објаснува дека промената во однесувањето на младите, нивните интереси и тенденции кон радикални, екстремистички дејствија и пропаганда први може да ги забележат семејството, наставниците и стручните служби во училиштата. Во студијата се наведува дека “Превенцијата од радикализација и насилен екстремизам треба да опфати збир на мерки, активности кои ќе бидат во состојба да ги препознаат раните знаци на радикализација и навремено да ги неутрализираат. Ова подразбира соодветна обука на наставниците, работа со родителите преку редовни состаноци, како и предавање и дебата со учениците каде отворено ќе се зборува на овие теми“.

Сите граѓански организации кои работат со млади или темата радикализација, насилен екстремизам, може да се приклучат и да станат членки на платформата. За повеќе информации може да се обратат на некој од следниве е-маил адреси: contact@iep.mk tamara@cid.mk nexsus.civi.concept@gmail.com zdruzenieakva@yahoo.com

Лице за контакт:

Валерија Соколова Стојановска

077/915936

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations