Со електрификацијата, автономијата и конекцијата се менуваат автомобилите, односно начинот на мобилност и давање услуги за олеснување на животот
Прегледано: 836 | Oбјавено на: 12.02.2021

Со електрификацијата, автономијата и конекцијата се менуваат автомобилите, односно начинот на мобилност и давање услуги за олеснување на животот“. Ова е главната констатација на директорот за членство на Светската Автомобилистичка Федерација (FIA) Регија I, Габриел Симчиќ на вчерашната панел дискусија во организација на Бизнис Акцелераторот УКИМ и АМСМ, кој е единствена мобилити членка на FIA од земјава.

Улогата на автомобилот се менува со електрификацијата, автономијата и конекцијата. Исто како што имаме паметни телефони, во иднина ќе имаме и паметни автомобили. Вредноста на автомобилот ќе биде поголема врз основа на информациите кои ќе ги генерираат автомобилите отколку самиот физички објект. Произведувачите се свесни за ова, нивниот бизнис модел за иднината се однесува на сите услуги поврзани со поседувањето автомобил или имањето пристап до автомобил, што значи дека се менува и гледиштето околу сопственоста на автомобилот во целост (економија на споделување на автомобилот, лизинг...)“, рече директорот за членство на Светската Автомобилистичка Федерација (FIA) Регија I, Габриел Симчиќ на вчерашната панел дискусија во организација на Бизнис Акцелераторот УКИМ и Авто-Мото Сојузот на Македонија.

Во едночасовната дискусија со старт-ап заедницата Симчиќ говореше за автомобилите и за мобилноста, две клучни теми кои се дел од старт – ап предизвикот FIA Region I Start-up Challenge II. Според него, најдобро е старт ап компаниите да размислуваат на едноставните работи. „Доколку автоматизацијата според вас е далеку во иднина, размислете за вашите потреби како сопственик на автомобил сега во моментов и креирајте решенија за потенцијални услуги врз база на тоа“, додаде Симчиќ.

Тој потенцира дека урбаната мобилност е забрзана поради пандемијата, кога се повеќе луѓе користат велосипеди. „Е-велосипедите, на пример, се голем пазар и креираат цел екосистем од услуги, во смисла на батерии, апликации, поправка итн. Исто така, поради намалување на загадувањето од големите градови, се зголемува потребата од добро организиран јавен транспорт за да се намали потребата од автомобили. Затоа, во иднина може да се промени моделот на мобилност во градовите, односно да добиете мобилити кредит од 200-300 евра и да го користите за е-велосипеди, јавен превоз или електричен тротинет...“, вели Симчиќ.

Бизнис Акцелераторот УКИМ и Авто-Мото Сојузот на Македонија ги објаснуваат начините и можностите за учество на светскиот предизвик преку организирање панел дискусии, советувања и програми за поддршка на предселектираните стартапи од Акцелераторот УКИМ. Следната панел дискусија ќе се одржи на 18.02.2021 година со почеток во 17 часот на која ќе говори Renè Herrewijnen, консултант за иновации во холондскиот мобилити клуб ANWB.

На ФИА предизвикот може да учествуваат сите старт ап компании кои имаат или може да понудат креативна идеја или решение во една од следниве области: како мобилити клубовите може да ја подобрат и иновираат употребата на автомобили во иднина, како клубовите може да ги понудат најдобрите решенија за мобилност на своите членови и како мобилити клубовите може да им го олеснат животот на луѓето и надвор од нивните автомобили?

Со аплицирање на овој предизвик, старт-ап компаниите ќе добијат сериозна поддршка од Бизнис Акцелератор УКИМ при подготовка на апликацијата. Зависи од потенцијалот на старт-ап заедницата и ќе се инвестира до 30.000 евра за дизајн и развој на производот или услугата, развој на прототип, проценка на пазарот, градење на тимот и / или рано генерирање приходи. Освен тоа, БАУ ги става на располагање искуството и ресурсите на партнерите, на повеќе од 3000 професори од Универзитетот, на 25 ментори – успешни Македонци од Обединетата Македонска Дијаспора како и на експерти за иновации, развој на бизнис, маркетинг професионалци од мобилите клубови.

Габриел Симчиќ повеќе од една деценија е директор за членство на FIA Region I, со сериозно искуство во безбедноста на патиштата и мобилноста од аспект на животната средина, кој помага авто-мото клубовите да станат мобилити клубови. За себе накратко ќе каже дека „во 2020 година на работа понекогаш одев со автомобил, често со електричен велосипед, а најчесто ... со тоа што не одев на работа воопшто!“. FIA Region I вклучува 103 мобилити клубови од Европа, Блискиот Исток и Африка со 36 милиони членови. Првиот стартап предизвик на FIA Region I привлече 67 апликанти од различни земји.

Целосната панел дискусија може да ја погледнете на https://www.facebook.com/acceleratorukim/

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations