Мими - гласот на многу книги кои сте сакале да ги прочитате, а сте немале време.
Прегледано: 1710 | Oбјавено на: 24.01.2021
 Уметноста во било кој вид, секогаш изнајдува свој глас и начин да допре до сите оние на кои им треба малку повеќе од секојдневието. Оние кои трагаат по малку повеќе смисла и продуховеност. Мими е еден од тие гласови. Мими е гласот на многу книги кои сте ги сакале да ги прочитате, а сте немале време. Мими е гласот на родител кој спокојно ги води своите деца во соништа со безброј приказни. Таа е урбана хероина чие оружје се безброј книги од безброј полици кои чекаат да бидат отворени. Некого да замислат, да насмеат, да изнудат возишка... 

„Читачката“, како што ја познаваат сите кои го следат нејзиниот YouTube канал, реши да го сподели својот глас. Таа читајќи книги го доближува пишаниот збор до сите оние кои го сакаат а немаат време, или пак оние кои од премногу обврски заборавиле на леснотијата со која секоја книга може да ве одмори од секојдневието и обрските кои тоа ги носи...
Сосем случајно се договоривме да размениме неколку зборови кои сакаме да ги поделиме со вас.

 

Д.К: Сите имаме различна животна приказна и различна причина зошто сме направиле одредени одлуки поврзани со нашето живеење и работење. За тебе, што беше пресудно да се одлучиш љубовта кон пишаниот збор да ја пренесеш на еден малку поинакив начин?

Стојановска: Тешко ми е да одберам едно нешто и да го дефинирам како пресудно. Беа тоа склоп на околности кои не можеа поинаку да „завршат“ освен со овој Ју Тјуб канал. Откако ја прочитав книгата која мене ми направи позитивни промени, сакав да ја чујат некои од луѓето кои ми значат, а секогаш имаат изговор зошто не читаат книги. Почнав да им ја читам на глас, и по некое време засипнав. Следуваа првите денови од карантинот и полициските часови поради Ковид, па така овие неколку нешта, многу лесно ме „однесоа“ до идејата да направам нешто корисно што ќе стигне до што поголем број на луѓе, имено да ја прочитам книгата Е баш ме заболе и да ја ставам на Ју Тјуб. Благодарам што го квалификувате како поинаков начин, но за мене, ова претставуваше единствен начин, во дадениот момент, со дарбата која ја имам и расположливите ресурси.

 

Д.К: Честопати иако мислиме дека ние сме направиле некоја одлука, подоцна согледуваме дека таа одлука некој веќе ја направил за нас. Што мислиш, дали ти посегна прва по пошаниот збор или зборот посегна по тебе?

Стојановска: Верувам дека сме се „нашле“ на пола пат. Ништо и никој не може да допре до некој или нешто друго ако тој/таа не е подготвен за тоа. Покрај мајка ми, која е професорка по македонски јазик, растена сум со книгите а и сестра ми исто така, но ете таа не е толку голем љубител на истите. Така што, генетиката во комбинација со предиспозициите кои ги носи секој од нас како свој уникат, направија да се „засакаме“ со пишаниот збор и да „посегнеме“ еден по друг.

 

Д.К: Хиперпродукцијата на уметност (музика, видео, фотографии, текст...) и генерално секакви содржини доведува до презаситување и разгаленост во вкусовите. Како според тебе да се препознае квалитетот на некоја книга и што го дефинира? Луѓето или времето?

Стојановска: И двете заедно. Луѓето од ова време не се истите од времето на нашите баби, мајки... Ние се менуваме, затоа што се менува времето, општеството во кое живееме, а тоа е така, бидејќи човекот е најприлагодливото суштество. Квалитетот на книгата не зависи од самата книга, туку од оној кој ја восприема... И не, не е прашање на вкус, туку е прашање на воспитување, созревање, обликување. Не постои лоша или неквалитетна книга. Секоја книга има свој читател, како што секое лонче има свое капаче. Можеме да не се согласиме со ставовите од некоја книга или да не ни се допадне во тој даден момент кога ја читаме, но тоа не значи дека е со лош квалитет... Тоа значи само дека таа книга не е за нас или не е за во тој момент.

 

Д.К: Не постои човек кој не ги сака книгите и кој не ужива во својата домашна библиотека. Одредени книги му го дефинирале вкусот со текот на времето. Без кои книги не би можела да ја замислиш твојата библиотека и зошто баш тие?

Стојановска:
1. Библијата – наоѓам одговори за секоја животна дилема.

2. Психологија на успехот – ми помогна во периодот кога кариерно се градев.

3. Е баш ме заболе – Ме соочи со животот баш таков каков што е и ми помогна да превземам одговорност за сопствената (не) среќа, без да обвинувам други.

 

Д.К: Во секојдневието исполнето со динамика и постојани промени често имаме повеќе прашања отколку одговори. Најчесто прашањата кои си ги поставуваме се поважни од одговорите кои ги добиваме. Кое е твоето најчесто поставувано прашање во денешницата и дали често одговорот се менува?

Стојановска: Откако знам за себе, водам борба со „терање“ правдина... Како помлада, имав среќа многупати и да ја добијам. За жал, како поминува времето, така е се’ потешко да разбереме: Зошто живееме во ваков себичен свет со ниски вредности и дали тоа некогаш ќе се промени? Кога ќе созрееме, стануваме посигурни во сопствениот идентитет, немаме проблем да се прифатиме такви какви што сме и се обидуваме барем во нашиот круг на луѓе да одбереме некои кои се спротивни на она што го кажав: себични и со ниски и површни вредности. Веројатно тоа е единственото нешто што можеме да го направиме, секој за себе, и барем малку, барем нашиот свет личен да ни биде поубав.

 

Д.К: Што е она по што би сакала да те паметат? Која е пораката која сакаш да ја пратиш до сите оние до кои можеш да допреш преку читањето?

Стојановска: Немам некоја желба да бидам запаметена, не верувам ни дека сум направила нешто толку големо да бидам запаметена. Кај оние кои најмногу ги сакам, моите деца, секако ќе бидам запаметена. А она на кое нив ги учам  и за кое ги воспитувам, секако го има во книгите што ги ги читам за Вас. Пораката не е една, колку зборови во книгата, толку пораки. Само се надевам дека генарациите што ги растеме, ќе успееме да ги освестиме за вистинските вредности и среќата што е само наш избор. Љубов наместо омраза, скромност наместо его, внатрешна наместо надворешна убавина.

 

Интервјуто го подготви: Дражен Котески

Фотографии: Мими Стојановска
Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations