Секој остава печат во животот. Онака, релаксирано...
Прегледано: 959 | Oбјавено на: 21.11.2020
 Секој остава печат во животот. Онака, релаксирано....

 

1. Што прават ликовите од книгата „Буниште од емоции“, Том и Венис, во реалниот живот? Колку фикција вткајавте во романот?

 

Како и сите луѓе, се соочуваат со предизвиците на овој век. Всушност, целата книга е трансферирана реалност на двајца млади ликови, водени по патеката на животот дефинирана од осцилациите во љубовта. Област која не јасно ја дефинира границата меѓу реалното и фиктивното. Сите што биле заљубени, всушност, доживеале бура од емоции, кои ги довело до бунило. Јас тоа го дефинирав како буниште, полјана, каде се проткајуваат разни емоции, со различна фреквенција и осцилации. Час чувствувате благодет што сте заљубени, час огорченост од невозвратената љубов, час рамнодушност. Токму затоа ја прераскажам ова уникатна приказна за Том и Венис, која ја преживуваат многу луѓе. Уникатноста на делото е тоа што ликовите осознаваат дека постои повисока психолошка состојба од љубовта меѓу двајца. Состојба која не подразбира размена како пазарна вредност. Состојба која не го ангажира Другиот само затоа што тоа е реакција на акцијата на Едниот. Состојба каде се цени слободата, се вреднува животот, се дава значење на различноста и се восхитува Другоста. Секој што ќе ја прочита книгата ќе осознае нова перспектива на интензивноста во восхитувањето, ќе сведочи на емотивните доживувања на двајца млади од нашето поднебје, но и ќе биде сведок на „потребата од размена во љубовта“.

 

2. Колку нашето опкружување ја дефинира реалноста, потребите, емоциите. Може ли човек во овие услови да живее релаксирано?

 

Токму книгата е резултат на катарза. На емотивно празнење на авторот, со морално одобрение на другиот лик. За да живеете релаксирано, мора да се подготвите. Секако. Како автор се обидувам да укажам на фактот дека релаксираност не значи препуштање на пороците со кои се соочуваат младите. Не подразбира изместен систем на вредности. Напротив, релаксирано подразбира претходно исполнување на многу емотивни празнини. Никогаш не ја поврзувам релаксираноста со материјални добра. Оти многумина знаат да се релаксираат и покрај обичен поток, слушајќи ја музиката на природата. За тоа не Ви требаат пари. Многумина се релаксираат со прошетка во природа. Постојат разни начини за релаксирано живеење, кои не ангажираат пари. Од друга страна, модерноста на живеењето и создавањето шаблони на успех ги „принудуваат“ младите, секако и многу други Души, да се ангажираат во натпревар со материјалното, губејќи го чувството за емотивното. Затоа има многу несреќни ликови кои се движат во нашето катче и ја загадуваат емотивната реалност.

Главните јунаци се социјални суштества кои ја знаат вредноста на зборовите Том и Венис во животното патешествие. Едноставно, сржта на животот е содржан во овие осум букви. Читателот, откако ќе ја прочита книгата, ќе има предизвик да размисли и да посвети внимание на својата релаксираност.

 

3. Стилот го одбравте вие или тој ве одбра Вас?

 

Мотивот да се пренесе еден миг од минатото, кој секако влијае и на сегашноста и на иднината, беше многу голем. Стилскиот израз не го дефинирам со посебен термин од литературата. Тоа е мој печат, мој начин на комуникација, мое ниво на изразување. Свој сум кога ќе се соочам со празниот лист кој дозволува да биде моделиран и исполнет токму онака како што јас посакувам и замислувам. Тука нема ограничување. Маргините на листот од лева и десна страна не значат крај на можностите, туку префрлување на следното ниво и мултиплицирање на емоциите. Секој напишан збор е одраз на мојата Душа. Пишувањето е моето изразување. Секако, тоа е условено од читањето. Не е можно да се описмените доколку не читате. Не е можно да го зголемите фондот на зборови, доколку секојдневно не ги отворате страниците на книгата. И на крај, не е можно некој да Ви го одземе знаењето, како што тоа може да се случи со материјалното.

Искрено не знам кој кого одбра, дали јас стилот или тој мене, но знам дека сме во релаксирана симбиоза, која се надевам ќе остави печат во македонскиот литературен простор.

 

4. Дали да очекуваме уште едно емоционално патување и што е главниот мотив да се споделуваат овие доживување со јавноста?

 

Секако, соочен со сите предизвици на секојдневието, се крчка нешто. Тоа е есенцијата на мојот начин на живеење. Секој ден, буквално секој ден, минувам по неколку часа во пишување. За работа, за Душа, за идните генерации, за сегашните реални ликови, за оние што се вградиле во нашата ДНК. Човековата историја е проткаена и пренесена во генетиката на секој од нас, но е запишана некаде. На карпи, на папирус, на хартија, на интернет, во „облаците“. Не е важна формата на пренесување, важно е дека се запишува. Како што природата создава ДНК на човештвото, така луѓето создаваат своја историска ДНК преку пишување, сликање, музицирање.

Ветувам дека следното дело ферментира и ќе дојде момент на емотивен набој кога, речиси во еден здив, ќе се распостеле на белите листови пред читателот. Дотогаш, уживајте во патешествијата на Том и на Венис, односно во патешествијата на секој од нас.

Џорџ Венистом, автор на книгата „Буниште од емоции“

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations