Прогресот на еден систем зависи од вклученоста на жените
Прегледано: 2471 | Oбјавено на: 08.07.2020
Прогресот на еден систем зависи од вклученоста на жените

Автор: Селвије Мустафи, дел од националниот тим на АВАЈА и студентка на мастер студии

Речиси 30 години живееме во независна република, каде и покрај многуте воведени политики и гласноговорници за фундаментална потреба на се повеќе жени на политичката сцена, сето тоа паѓа во вода кога исходот во пракса е спротивен од теоријата на празни зборови и ветувања.

Следењето на глобалните политики и прогресот на моќните држави доведе до тоа, во периодот 2016-2020 година и во нашата држава, да се зголеми бројот на жени во парламентарниот состав и да брои 43 жени за разлика од самото осамостојување на државата каде сме имале само 4 жени. Ова не говори само за зголемениот поттик и храброст кај жените, туку и за добивање шанса и пристап за нивно вклучување и придонесување.

ЖЕНИТЕ по природа се родени лидерки. Со самото растење и созревање, младите девојки имаат многу задачи во домот. Се образуваат, преземаат повеќе одговорности во свои раце и моментот кога стануваат мајки и успеваат во сето менаџирање и водење, говори за тоа колку ЖЕНИТЕ се вешти и посветени кон организирањето во повеќе области и покрај тоа што мора да работаат двојно повеќе од мажите за да успеат и да дојдат до израз. Секако и да им биде признаен трудот и напорната работа.

Дали знаете дека повеќе истражувања на светско ниво, како и истражувања направени на балканските простори, говорат дека жените кои се дел од маргинализираните групи, од помалите етнички заедници и групи на жени кои низ историјата биле угнетувани, покажуваат значително зголемени лидерски способности? Таквите жени се лесно одлучни за преземање иницијативи и ризици, за идентификување и решавање различни предизвици, анализирање на проблеми, помагање и мотивирање на останатите во своите кругови, кое на некој начин е предводено од здобиените неправди, недоволно права, понижувања и слично.

Токму тука спаѓаат и жените РОМКИ. Ако до пред 20-тина години, поради многуте генерирани фактори, жените Ромки немаа доволно услови да се образуваат, денес тоа воопшто не е случај.  Со гордост може да кажеме дека има 161 дипломирана Ромка, при што само мал дел од нив се вработени и вклучени во општествените процеси, но и понатаму исклучени од политичката сцена како лидерки, пратенички, министерки и други значајни улоги.

Ако државата сака да напредува и да ги исполни своите цели, тогаш зошто не ги вклучува и жените, особено од помалите етнички заедници? Зошто државата не инвестира доволно и зошто покрај воведените законски регулативи за родова еднаквост и застапеност, не воведе исти такви регулативи и квоти за етничка еднаквост?

Потребата од тоа заеднички да се потрудиме е неминовна и затоа е потребно стигмата против жените во политиката да се претвори во можност за учество за поголем развој и просперитет на целиот систем.

Верувам дека државата ќе направи напори да ги вклучи жените и дека нема да чекаме уште 100 години, како што беше случајот со правото на глас на жените во некои земји. Време е жените конечно да ја разберат својата моќ, да сфатат дека нужна и огромна е потребата за стапување и поголема вклученост во политиката преку заземање моќни позиции. Ние како млади девојки да гледаме и учиме од таквите примери каде жените ќе водат и ќе бидат тие кои ќе седат на маса со моќни луѓе и ќе донесуваат важни одлуки.

За крај би ја цитирала Маргарет Тачер која вели „ако сакате нешто да биде кажано, прашајте маж. Ако сакате нешто да биде направено, обратете се кај жена“.


Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations