Навистина, Парите се отепувачка
Прегледано: 2167 | Oбјавено на: 07.05.2020
  • Навистина, Парите се отепувачка

     Изминативе два месеци, кога сите се соочивме со „не-здравјето“ и борбата со невидливиот непријател, верувам за миг размисливме што се даваме и пропуштаме во животот за да спечалим...

Антологиската драма „Парите се отепувачка“ на македонскиот драматург Ристо Крле, прв пат изведена пред 82 години, посебно ја докажа својата вредност и тежина во последниве два месеци. Дури во еден чин, доколку се сеќавате, ликот Панде раскажува за „Остров во Америка“ каде ги симнувале сите новодојдени за да ги прегледаат комисија од доктори. „Еден од докторите, го главал али има заби и али му се здрави... Други али е прав, здрав... Трети, да не му е испадната косата на темето. Ве потсети на нашето блиско минато!!!

 

Расплетот на драмата „Парите се отепувачка“ е  во тоа што таткото и мајката, за грст златници, си го убиваат сопствениот син. Лакомоста ја „убива“ нивната иднина. Исто како ние што се „убиваме“ сами себе за грст пари.

 

Изминативе два месеци, кога сите се соочивме со „не-здравјето“ и борбата со невидливиот непријател, верувам за миг размисливме што се даваме и пропуштаме во животот за да спечалиме пари. Во „нормални“ услови сите трчаме за повеќе пари. Да обезбедиме подобар дом, поубав компјутер, подобар автомобил, да имаме пари за десетдневен одмор, да одиме на некое патување, да купиме парче гардероба. Целата слобода ја менуваме за повеќе пари. Или, уште подобро, слободата ја „материјализираме“ во работи што, најчесто, не ни требаат.

 

Корона ситуацијата што ни покажа!!! Сите кои имаат убав дом, уживаа во неговите благодети. Но, беа сами и осамени. Свртени кон членовите на најтесното семејство. Немаа можност да се пофалат со неговите убавини пред пријателите, пред другарите, пред дечковците или девојките. Просторот го делеа само со фамилијата. Многумина се дотеруваа, но само за пред сопственото огледало. Да не изгубат навика дека треба да стават вратоврска. Дел од нив го палеа автомобилот само за да го почувствуваат „мирисот“ на бензинот. Преку компјутерот „прошетаа“до сите точки на Планетата. Одморија на плажата во сопствената кујна.

 

Искрено верувам дека сите, СИТЕ ВИЕ, имавте и време и можност да се соочите со своето ЈАС. Верувам дека сфативте колку „неоткриени“ болести носите на сопствените плеќи, не-забележувајќи ги во трката по повеќе пари. Дознавте дека за нормално живеење не се потребни три ормари гардероба. Дека денот може да се помине и без грам шминка. Дека не секогаш се потребни „задимени“ кафе барови за да си поминете убаво. Или дека не мора да излезете од дома за да се радувате на убавините на животот. Дека надворешноста не секогаш го прави животот поубав.

 

Сфативме дека, барем досега, постојано сме биле во „мртва“ трка. Сме го менувале своето слободно време за денар повеќе. За пари кои не секогаш ни се потребни за да живееме. Не велам дека можеме без нив, но тврдам дека можеме без „многу“ пари!!! Дека нашето богатство не е во парите, туку во нас, самите. Во нашата внатрешност, во нашата насмевка, енергија, желба, мотивација, пријателство, почитување, знаење.....

 

Знам дека повеќето од Вас успеаја да ја прочитаат својата омилена книга. Научија нова компјутерска вештина (барем да користите некоја платформа за комуникација). Завршивте онлајн курс за некој јазик или графички дизајн. Дека ги изгледавте сите можни омилени серии или драмски дела. Дека ќе издвоите час повеќе да ја изгледате „Парите се отепувачка“. Дека се мотивиравте во иднина повеќе да работите на „самите себе си“ и да ги подобрите своите лични перформанси. Многумина ја сфативте моќта на вистинското пријателство, тогаш кога немавте можност да ги видите своите другари. Успеавте да го поминете месецот со „минимум“ пари и да сфатите колку Ви е доволно. И на крај, ВЕРУВАМ дека сите сфативте колку е моќна СЛОБОДАТА и дека не треба да ја „продаваме“ за нешто што ќе го чуваме во шкафовите, во гаражите, во домовите...

 

Барем јас лично, уште еднаш потврдив дека најважно е да знаете да „балансирате“ во животот. Да почувствувате кога и колку е доволно, што и колку Ви е потребно и дека не секогаш, парите го купуваат здравјето. Дека парите може да бидат отепувачка и ако ги имате многу, но и ако ги немате воопшто.

Автор: Тодор Стојчевски

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations