Пријавете се за Аматерскиот хуманитарен велеслалом во Маврово
Прегледано: 929 | Oбјавено на: 10.02.2020
 

На падините на Маврово годинава по 18-ти пат ќе се одржи традиционалниот Аматерски хуманитарен велеслалом. Од 21-ви до 23-ти февруари, на овој настан ќе учествуваат компании кои, преку котизација, ќе дадат поддршка на Фондацијата Импакт, која преку проектот "PAWSITIVE IMPACT" се грижи за бездомни животни. Организатор на настанот е Ресорт Маврово, чиј сопственик потенцира дека ова не е новина за компаниите, кои редовно се дел од оваа хуманитарна активност.

„Во изминатите 17 години, компаниите преку учеството на хуманитарниот велеслалом, поддржаа бројни хуманитарни активности. Како организатор обезбедуваме и видливост за секоја компанија - учесник во хуманитарниот настан, односно, учесниците имаат можност на целната рамнина да постават свој банер, реклама или брендирано знаме со лого. Покрај можноста да бидат лесно препознатливи, ќе можат и да навиваат за своите натпреварувачи. Ова не е новина за компаниите со професионални скијачи и скијачи аматери, кои редовно се дел од оваа хуманитарна активност, со која годинава ќе помогнеме на група немоќни, но воедно и најдобри пријатели на човекот“, вели Огњан Циговски, директор на Ресорт Маврово. Според него, оваа донација ќе обезбеди заштита од студот и оброци за бездомните кучиња преку "PAWSITIVE IMPACT", проект за помош на бездомни животни имплементиран од Фондација Импакт, непрофитна организација АМОС Шелтер и Општина Маврово и Ростуша.

Собраните пари ќе се искористат за конкретни активности, како што се формирање тим за волонтирање и помош во Маврово, подигнување на свесноста за одговорност кон уличните животни, подготовка на информација и на организација на систем за одделување, селектирање, пакување и доставување храна од хотелите на Ресорт Маврово до стационарот за бездомни кучиња Амос Шелтер и на познати локации во село Маврово, стерилизација на бездомните кучиња во Маврово, вакцинирање и прочистување од паразити, акција за вдомување на бездомните животни од Маврово и Амос Шелтер, создавање тим билдинг програма каде општествено одговорни компании може да помогнат во изградба на живеалишта и засолниште за бездомни животни, како и изградба на топли еко-куќарки на различни локации во Маврово каде привремено ќе можат да се стоплат кутрињата.

Првиот аматерски хуманитарен натпревар во велеслалом се одржа од 7-ми до 9-ти март 2003 година на ски- лифтот „Галички“, во дисциплините паралелен велеслалом и велеслалом. Тогаш учествуваа 35 тимови со повеќе од 100 учесници. Годинава, котизацијата за пријавување на еден тим изнесува 12.000 денари. Според правилата, секој тим мора да е составен од тројца учесници во две категории - машка и женска и тимот може да биде составен само од скијачи, само бордери или мешано, скијачи и бордери. Во машка категорија има поделба на јуниори – ученици на возраст до 40 години и ветерани кои се на возраст над 40 години.

Пријавувањето за учество е преку електронската адреса: [email protected] со назнака ПРИЈАВУВАЊЕ за 18-ти АХВМ, а повеќе детали за пропозициите, правилата и пријавувањето може да најдете на http://skimavrovo.com/node/24

Видео линк: https://youtu.be/Seq-s8D_Li4

 

                                                                                                                                                                    Лице за контакт: Рипа Кузевска 071238604

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations