Посакуван работодавач на силно конкурентниот македонски пазар
Прегледано: 482 | Oбјавено на: 17.12.2019
 

Скопјани го знаат Рептил. И на сон ќе го препознаат зелениот „кроко“ што ги пречекува на влезот од маркетот, насмевката на продавачката, богатата понуда на свежи зеленчуци, месо и риба, како и вкусната храна во кујните во повеќето маркети. Знаат дека сѐ што ќе посакаат од еден маркет ќе го најдат на едно место. Можат да го испазарат и онлајн. Но, ова е само еден дел од ликот на Рептил маркетите. Рептил е и успешна домашна компанија којашто ужива репутација и на посакуван работодавач. Имиџ што македонската компанија во изминатите 23 години трпеливо го градеше и унапредуваше, за денес да се пофали дека во својот тим има и многу вработени кои се дел од нејзината историја уште со отворање на првиот маркет.

Маркети Рептил е една од малкуте успешни приказни во сивилото на македонската приватизација. Домашната компанија што растеше и се потврдуваше на силно конкурентниот македонски пазар и се фати во костец и со силните странски синџири на супермаркети, ги задржа и вработените (кои со новиот менаџмент) некогашните маалски самопослуги на Центро ги модернизираше во современи маркети со богата понуда на производи, бројни акции за привлекување нови потрошувачи, но и за наградување на постојните. Порасна во маркет каде вашите пари вредат повеќе. Но, сепак она што привлекува најмногу е високо квалитетната услуга.

„Традицијата и непосредноста која ја имаше во маалските продавници е она што во Рептил маркетите се негува уште од отворање на првиот маркет на Рузвелтова во 1996-та година. До денес кога Рептил брои вкупно 15 маркети. Горди сме што 23 години испишуваме успешна приказна и со истата динамика продолжуваме да растеме. Рептил има голем потенцијал за раст и поради лојалноста и поради посветеноста на вработените. Особини што менаџментот ги цени и наградува“, вели Даница Личанин Блажевска, сопственик на Рептил.

Она што Рептил го прави различен и единствен на домашниот пазар се топлата и искрена услуга за секој потрошувач, како и односот на персоналот чиј приоритет е секој купувач да излезе задоволен по пазарењето. Нивната посветеност е одраз и на стратегијата на Рептил да се докаже како работодавач кој се грижи сите вработени да имаат позитивна работна средина и развој во кариерата.

„Двапати годишно организираме настани на кои ги наградуваме најдобрите маркети и вработени. Редовно организираме едукации и обуки со внатрешни и надворешни предавачи и на тимот на Рептил гледаме како на едно големо семејство, кое секогаш дава поддршка и на нововработените преку процес на учење, но и преку колегите за побрзо да се вклучат во нашата средина. Грижата за вработените во сите аспекти од животот и искрениот пристап овозможуваат вработените да се чувствуваат сигурни и да знаат дека ќе имаат поддршка секогаш кога им е потребна. Тоа овозможува побрзо да се адаптираат и вклучат во работата, односно да бидат и попродуктивни и да напредуваат“, додава Личанин Блажевска.

Значи тоа е и тајната на Рептил – вработените секогаш да бидат услужливи и пријатни а муштериите секогаш задоволни. Според сопственичката, дел од тајната е токму во визионерството на менаџментот кој, тргнувајќи од најхуманата човечка особина – грижа за другиот – создаде култура каде вработените се на прво место, затоа што задоволните и среќни вработени ќе овозможат совршена услуга и задоволни клиенти.

Вработените се силно мотивирани затоа што знаат дека трудот се наградува на секои 6 месеци и се трудат да бидат меѓу најдобрите продавачи и раководители. Не кријат дека Рептил ги стимулира и со унапредување и вложување во обуки за оние кои покажуваат особен интерес и проактивност во работата.

Затоа во Рептил ќе сретнете вработен со стаж подолг од 10 години, кој во себе го носи истиот жар и ентузијазам како првиот ден кога почнал со работа. Затоа и самите вработени велат дека Рептил е големо семејство. Семејство во кое имаа над 300 вработени и десетици илјадници потрошувачи. Само Рептил клубот брои над 20.000 членови, бројка која секојдневно расте благодарение на услугата и ангажманот на сите во Рептил кои работат на остварување на визијата – Рептил да бидат маркети со најдобра услуга во градот.

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations