Македонски сон, американска реалност. Тодор Стојчевски
Прегледано: 3371 | Oбјавено на: 25.09.2019
 



Македонски сон, американска реалност

 

Автор: М-р Тодор Стојчевски

 

“Чудото што лета” ги спушти своите раскошни бели крилја на бостонскиот аеродром. 25-ти септември 2009-та. Точно 22 часот и 15 минути. Есен, но како штотуку да расцветала пролетта. Боите на американскиот сон доминираат преку развиеното, ширум познато, знаме со црвени и бели линии, со сини ѕвезди кои ја рефлектираат надежта. Околу 300-та лица, со различни фацијални експресии, едвај чекаа да стапнат на американско тло. Претпоставувам многумина прв пат, иако според физикусот, дел од нив беа домаќини.

Така започна мојот краток американски сон. Прошаран со емоции во амплитуда од подот до таванот. Измешани чувства на моќ и надеж наспроти чувства на маленкост и носталгија за изминатите 30-тина години. Широките булевари, огромното шумско пространство, навидум кроткиот океан и бесните возила, го дополнуваа пејзажот на “вселенското” чувство на сите што дојдовме од скромната македонска реалност.

Чувството на Американец, по зелена карта (green card), ветуваше дека се може да се случи во утрешнината. Мојот живот, спакуван во шест скромни куфери и се што имав во својата глава, со поддршка на многу драго семејство, беше сериозен потенцијал да се живее американскиот сон.

И како што не секогаш очекуваме, Универзумот ги замеша своите прсти. Поради персонални причини, Сонот “мораше” да заврши. Педесетина дена подоцна беше јасно дека целиот влог во коцкарницата наречена “американски сон” беше пропадната инвестиција. Секако, разочарување до максимум. Дури и Небото не беше доволно да го збере квантумот на мојата депресија. Се отиде во неповрат. Го допрев дното.

И повторно, “чудото што лета” со своите раскошни крилја распослано на бостонскиот аеродром. Сега, во обратен правец. Билет до таму од каде што “избегав”. Се беше поинаку, освен мојата депресивна надеж. Онаа која како светло на крајот од тунелот, го осветлуваше друмот на иднината. Онаа која последна заминува.

Си реков и ветив: ако Универзумот предодредил животот да го минам во Македонија, тогаш ќе се потрудам тоа да биде максимално квалитетно. Да го живеам “американскиот сон” на македонско тло. Ветив и остварувам.

Кога, со текот на времето, ги променив “очилата”, сфатив дека погледот зависи од пот-свесниот ум и е менаџиран од свесниот (под)ум. Сето она што за миг го доживеав од другата страна на Океанот, ветив дека ќе го живеам на европска земја. И денес, раскошот е пред моите очи, бизнисот на моите плеќи, радоста околу мене, успесите чекаат на мојата животна лента. Семејството прекрасно, пријателите безбројни, здравјето “во нормала”.  

Со сиот физички и интелектуален капацитет ги “крадам” можностите. Грабам од животот за да го градам секојдневието. Позитивно гледам на иднината на ова парче земја. Проблемите ги нарекувам предизвици. Затоа што секој предизвик има решение.

Одлучив дека ќе ги користам сите потенцијали за успех на сегашните и идните поколенија. Ќе придонесам секаде каде што може, ќе барам и ќе давам поддршка секаде каде што треба. Затоа што, сами го градиме домот наречен Македонија. Дното беше база за нов успех. 

Сонот за Америка, за мене, не е завршен, но нашата генерација треба да го “создаде” и во Македонија. Затоа не се плашам од тоа што младите заминуваат, тоа за мене е нормален процес. Малку се тревожам од идеите и намерите на тие што остануваат - дали сакаат да го создадат и да живеат македонскиот сон!?. Но, со целото срце знам дека ќе успееме да го создадеме македонскиот сон затоа што имаме капацитет, имаме волја, имаме желба, имаме надеж. Уште да ја трасираме вистинската патека. Тука сум....

ЗАТОА СЕКОГАШ ИМАЈТЕ:

ВЕРБА ВО ВАШАТА ДУША

НАДЕЖ ВО ВАШИТЕ МИСЛИ

ЉУБОВ ВО ВАШЕТО СРЦЕ!!!




Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations