Интервју со Марјан Темовски. Спелеолог, хедонист и млад научник
Прегледано: 1083 | Oбјавено на: 05.09.2019
 


 Многумина ја сакаат природата но Марјан отсекогаш сакаше и да ја пручува. Во моментот доктор на науки, и карстот како негова специјалност. Како дел од своите обврски често е дел од тимови кои патуваат на најодалечените и недопрени од цивилизацијата места. Уживајќи во секој дел од своето работење несомнено ги надминува речиси сите па дури и во светски рамки кои се занимаваат со оваа проблематика. Најчесто го почнува разговорот со познатите прилепски досетки за потоа да продолжи да кажува интересни случки од работењето. 

Сите имаме свој почеток, но не сите работат на тоа да имаат интересна животна приказна. Твојата дефинитивно е интересна и за восхит. Сепак за да се случат многу работи потребно е да се биде решителен, мотивиран, достоен на својата визија за личен и професионален успех. Како Марјан одолеа на инерцијата која е обележје на живеењето веќе неколку децении кај нас и кога беше моментот кога реши да се занимава со нешто тотално атипично како неговата професија? 
Темовски: Веројатно тоа што отсекогаш сум бил вклучен во некои воншколски активности (фото и кино техника, планинарење, ориентација, спелеологија и др.) ме изолирало од некои апатични моменти кај нас. Всушност, се до некоја поголема возраст и не се сеќавам многу на моменти од инертноста на нашето општество, иако сигурно ги имало. Можеби тогаш конечно и сум излегол од мојот мал свет на соништа и сум се судрил со реалноста. За професијата со која се занимавам никогаш и не беше конкретно решено, туку повеќе би рекол дека е моменталната станица од моето животно патување. Почетната точка дефинитивно беше спој на радозналост и љубов кон природата. Истражување на пештерите ми беше и сѐ уште ми ѐ хоби, па желбата да знам нешто повеќе за пештерите и карстот ме одведе до докторат во Словенија, земјата на карстот.

Големи луѓе од малите градови. Како би го дефинирал моментот на човечка големина односно што за тебе значи дефиницијата на мал град?
Темовски: Скромност и приземност се за мене дефиниција за човечка големина. Големите луѓе што сум ги запознал се баш такви, и ги има низ сите слоеви на општеството. Големината на градот, јас повеќе би ја врзал за кругот на луѓе околу тебе. Мало населено место со големи личности околу тебе пак може да биде голем град. 

Многумина читаат и ги знаат најголемите планини но речиси и да не познавам човек, освен Марјан кој ги знае најдлабоките пештери. Тоа според мене секогаш било далеку потешко за освојување отколку да се качите на врв на планина. Која е најдлабоката пештера која си ја истражувал?
Темовски: Не сум бил многу длабоко, гледано во светски рамки. 300 метри е најголема длабочина на која сум се спуштил, во една пропаст на Сицилија.  Ама никогаш и не ми бил главниот предизвик да слезам што подлабоко, туку да видам и искусам различни работа. А такви искуства, богами, имам многу.

Погледот од врвот е супер, но чувството да се почувствува природата ползејќи низ „нејзината утроба“ сигурно е чувство кое е тешко да се сподели со останатите. Што е она што би сакал како искуство да го пренесеш на оние кои никогаш немале шанса или пак храброст да го истражуваат и овој дел од природата? 
Темовски:Можеби ќе звучи чудно, но јас како мал бев малку клаустрофобичен, се дури не подзаглавив во една пештера и научив дека смирени мисли се моќна работа. Од искуство знам дека и оној кој се плаши од затворен простор, со добра ментална поддршка, може да се чуствува комфорно во тесни пештерски канали. Но сепак би напоменал да не се прават авантури без соодветна обука или стручна придружба. Туристичките пештери се одлична почетна точка за да се запознае тој свет.

Освен во природа Марјан може да се сретне во добро друштво, покрај добра храна и со гитара во рака. Каде за тебе се спојуваат спелеологијата и хедонизмот? 
Темовски: Спелеологијата е хедонизам за мене. После посета на пештера сум секогаш нов човек. Веројатно како што површината на планетава станува сѐ побучна, така тишината на пештерите ми причинува сѐ поголемо задоволство. Плус секогаш можеш да видиш и искусиш нешто ново и воодушевувачко. Таман за зачешување на мозочните ќелии.

Академските кругови гордо зборуваат за секој нивни труд и влијанието кој го има на науката. Трудовите на Марјан веќе можат да се најдат во светски врвни научни списанија. На кој напишан научен труд си посебно горд? 
Темовски: Така ми оди патеката да со секој труд си отворам некои нови предизвици, па веројатно секогаш ќе има нешто ново, интересно, ама сепак би рекол, првиот мој труд за пештерата Провалата во Мариово. Многу први моменти има во тој труд: прв од тој калибар за мене, прва регистрирана таква пештера во Македонија (формирана е со сулфурна киселина), прва пештера кај нас на која е утврдена апсолутна старост (1,5 милиони години) итн. Ми чини особено задоволство и чест што во стручната фела од светот што се занимава со ваквите пештери, Провалата им е веќе добро позната. 

Познавајќи го неколку децении, знам дека отсекогаш имал добра колекција на музика и литература во својот дом. Последно заедничко дружење со гитарата и Марјан беше во Љубљана. Едно прашање, според мене многу битно за да се започне квалитетен разговор за музика и тогаш и сега после многу години. Азра или ЕКВ? Зошто?
Темовски: Азра. Некако емотивно поблиску се до мене. А знам и да му фатам неколку песни на гитара, ха, ха, ха.

Доколку го познавате Марјан, ќе знаете дека на секое прашање умешно знае да одговори со досетка за почеток, но потоа низ прашање ќе ви даде одговор подобар од оној кој сте го очекувале. Кое е прашањето што често си го поставуваш додека размислуваш за целата твоја приказна, минатото, иднината?
Темовски: Не е прашање, туку едно потсетување што се обидувам да си го повторам одвреме навреме: „ѕирни малку и наназад и радувај се на она што го имаш“. Сѐ повеќе се уверувам дека гледајќи далеку напред, забораваме да видиме што имаме околу себе.

Кафе, кладилница, пијачка, политика... Интересен концепт за живеење на голем дел од младите денес. Која е твојата порака до оваа „интересна група“?
Темовски: Не знам колку е тоа карактеристично само за младите денес или отсекогаш било така во некоја мера. Верувам дека и денес меѓу нив има некој што е опседнат со некоја своја идеја/желба/цел. Секој со своето.

Последен албум кој без проблем го преслушуваш по неколку пати?
Темовски: Temple of the Dog ми врти често последно време. А кога патувам со воз или авион често го отпревртувам No More Shall We Part. Слабо пратам нови работи.

Што не успеав да те прашам, а секогаш си сакал да го споделиш јавно?
Темовски: Таман си е, да оставиме нешто и за друг пат.

Интервјуто го подготви: Дражен Котески
Фотографии: Марјан Темовски 

 
Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations