Интервју со Кокан Ајановски, тркач и Personal Wellness Coach
Прегледано: 2060 | Oбјавено на: 21.08.2019
 

Трчањето не е само физичка активност. Трчањето е стил на живеење и постојана борба да се надминеш себе. Кокан Ајановски и трчањето се општо позната слика за сите кои дел од своите утра знаат да ги поминат трчајќи покрај Вардар.
Кога започна целата приказна со трчањето? Кога обичното рекреативно трчање од 5км за тебе стана нешто што ни оддалеку не е доволно за да го почувствуваш ендорфинот во твојот крвоток?

Ајановски: Приказната започна во 2008 година, на мои 26 години и тоа беше љубов на прв поглед J . Од тогаш до денес, се повеќе и повеќе се зголемува љубовта кон овој спорт и затоа, не случајно, трчањето за мене стана буквално мојот живот. Сешто правам како приватно, така и професионално е поврзано со трчање! Благодарение на тоа што целиот свој живот и пред да почнам со трчање, активно спортував, за кратко време, тренинзите од 30-тина минути трчање, ги заменив барем со двојно повеќе време поминато во трчање.

Одредени спортови, посебно индивидуалните бараат многу голема дисциплинираност и мотивираност. Што е она што со години ти дава мотив да се разбудиш порано од сите, да истрчаш повеќе и побрзо?

Ајановски: За да може да се оствари сеова што набројавте, мора да го правите тоа со љубов. Огромната љубов што ја имам кон трчањето, па и кон спортот воопшто, придонесе за релативно кратко време да се качам во врвот на македонското трчање на долги патеки. Секој успех и секоја остварена цел дополнително ме мотивираше да си задавам нови и поголеми цели, потешки за реализација. Себенадминувањето од секогаш било мој главен фокус и тоа е клучен фактор да се извади најдоброто од нас! Но, за да се одржи мотивацијата на високо ниво, потребно е постојано да се поставуваат нови цели кои ќе бидат усогласени со моменталната ситуација во нашите животи.

Секој натпревар, секоја трка е посебна приказна вредна за споделување. Дали воопшто водиш евиденција на колку трки си учествувал и колку тоа би изнесувало во истрчани километри?

Ајановски: Не сум љубител на статистиката иако се трудам да ја водам. Во моментов не можам да ви ги кажам тие податоци, од едноставна причина што точни бројки и не знам, но описно можам да кажам дека тоа се мноооогу истрчани километри и учество на исто така огромен број на трки од најразличен карактер. Планирам еден ден, навистина да ги избројам сите трки и да знам прецизни информации за истрчаното. А до тогаш, ќе ви кажам дека имам еден куп фотографии од мојата прва трка, па се до денес.

Подобрувањето на ставот кон себе и трката секое следно трчање е нешто што го разбираат само оние кои бараат повеќе од себе отколку од другите. Што според тебе се карактеристиките на сите големи маратонци, ултрамаратонци?

Ајановски: Нема откажување од својата цел. Упорност. Истрајност. Дисциплина. Постојана мотивација и голема страст. Моќен ум и големо срце. Благодарност. Позитивни мисли. Фокус. Вистинска посветеност. Голема љубов. Храброст. Лидерство. Пожртвуваност. Борбеност. Мислам дека набројав повеќе од доволно :)

Додека трчаме најчесто најголемата борба е во нас и со нас самите отколку со конкуренцијата. Моментите кога физички се троши последниот атом од твојата енергија знае да доведе до нетипични емоционални состојби. Кои се прашањата што си ги поставуваш додека трчаш?

Ајановски: Прашања поретко си поставувам, можеби и никогаш, но додека трае трката секогаш знам да се сетам на моите цели,  тешките тренинзи и целиот пат што сум го поминал за да можам да бидам дел од таа трка. Тогаш главната цел ми е да бидам максимално фокусиран и со сите мои сили, како физички, така и психичким, се трудам да го дадам најдоброто од себе за да успеам во она што сум го наумил.

Џон Бингам вели дека дека не е чудо да ја завршиш трката, вистинското чудо е што се решаваш да започнеш голема трка. Колку се согласуваш со ова? Колку според тебе е пресудна физичката односно психичката подготовка, посебно за ектремнно долгите трки?

Ајановски: Самата трка можеби е и најлесниот дел од целиот процес. Трката е само финалниот чин. Она што е многу потешко и она во што навистина треба многу да се вложи, е самиот процес, таканареченото патување. Ако не се сложувате со ова што го кажувам, тогаш сетете се на сите оние 4 или 5 или 6 месеци во кои сте се подготвувале за да истрчате најдобро што можете еден маратон. Да останеме во одлично здравје, во врвна форма и без никаква повреда да влеземе во денот на трката е најважното нешто. Ако сме успеале во ова, трката ќе ни биде песна :)

Како изгледа еден вообичаен тренинг, вообичаен оброк и распоред за викенд активности за Кокан Ајановски?

Ајановски: Моите викенд активности ништо посебно не се разликуваат од моите останати денови од неделата. Еден вообичаен тренинг ми трае од 60 до 100 минути. Тука го вбројувам времето за загревање пред трчање, главниот тренинг и истегнувањето по истрчаното. Вообичаен оброк пред или по трчање ми е Herbalife шејк и како што кажав, викенд активностите ми се во многу случаи исти со работните денови од неделата, затоа што работата која јас ја работам (тренер) има нестандардно работно време споредено со голем дел од другите професии.

Што е она што би сакал да го споделиш со сите оние кои се двоумат кога да започнат со трчање?

Ајановски: На сите ќе им посакам да бидат среќни во секој момент, а клучен фактор за среќата е нашето здравје. Затоа, не се двоумете кога да започнете со трчање! Одговорот е лесен! Најдоброто време за да започнете да трчате беше вчера, а второ најдобро време за старт е денес! Спортски поздрав – најздрав! :)

Интервјуто го подготви: Дражен Котески

Фотографии: Кокан Ајановски

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations