Интервју со Димитар Ѓорѓиевски
Прегледано: 1768 | Oбјавено на: 22.07.2019
 


Димитар. Секогаш добро расположен. Актер кој инстантно знае да ја обои публиката со емоции. Добар соговорник и човек со кој можете и часови да поминете во пријатен разговор. Посебно ако имате заедничко минато.

1. Прилеп, иронијата, мајтапот и енциклопедијата на личности кои можете да ги сретнете во чаршијата знаат во секого да испишат интересна приказна. Дали има некој заеднички печат што Прилеп го остава на сите кои со години ја вдишуваат чаршијата? Што испиша Прилеп во твојата приказна?


Ѓорѓиевски:

Ова веројатно може да се каже за секој град, ама еве јас за мојот ќе си кажам. Прилеп, како и жителите, е град на растргнување. Шизофрено балансира меѓу традицијата и деконструкцијата на тие вредности, меѓу градскиот еснаф кој математички ги формулира општествените норми и мариовската итрина која ги свиткува тие норми и им дава постмодерен аспект, понекогаш и надреален. Помеѓу валканоста на улиците и воздухот и планините и полињата кои се на 15 минути пешки од центарот на градот. Градот се бори да си го најде идентитетот помеѓу дечките кои скејтаат кај комерцијална и слушаат Ramones на блутут звучниче и снобовите кои одат на скиење на Сент Мориц и таму слушаат Цеца. Ама чаршијата и пазарот се едни за сите и кога ќе прошеташ ги гледаш луѓето од различни профили како комуницираат меѓу себе, се мешаат, се заљубуваат, се караат и така натаму и тоа те обележува како човек. Сета таа разноликост и распон на карактери и личности, култури и вредност едноставно ти дава палета на социјални орудија кои ако си отворен во умот можат само да ти користат. Веројатно затоа прилепчани се познати снаодливци и виреат кај и да ги пресадиш.

 

2. Филмското платно или театарските штици? Чии рефлектори подобро ја осветлуваат приказната и емоциите?

Ѓорѓиевски:

Борбата со ова прашање ја имам постојано. И не можам да дадам дефинитивен одговор. Филмот нуди актерско изразување со минимален напор во одредена смисла. Од друга страна, таму емотивниот влог и автентичноста на реакциите треба да се беспрекорни и перверзно искрени. За разлика од филмот, во театар и покрај убедувањето дека „занаетот“ може да те извади, недостатокот на чувство за целина, атмосфера, пласман на мисла и тајминг може да направат и од најголемиот „занаетчија“ просечен и незабележителен посетител на сцената. Во секој случај емоцијата, доколку е автентична и добро обработена од страна на целиот тим кој работи на проектот, секогаш ќе си го најде патот до тој што гледа. Веројатно сè се сведува на пристапот и искреноста. Повеќето може нема да се сложат, ама според мене не постои поделба на театарска и филмска глума. Солзата е солза, смеата е смеа и ако е искрена не е битно дали е во крупен кадар или гледана од балкон.

 

3. Малкумина знаат дека Димитар во еден период се занимаваше со музика. Дали и колку остана врската со музиката?

Ѓорѓиевски:  Го држам контактот колку што можам. Може не толку активно, ама музиката цело време е тука некаде. Најверојатно поради недостиг на време (и нерви) не се ни обидувам да свирам во бенд, ама одвреме – навреме правам музика за претстави, свирам во живо во некои од претставите на репертоар и ја користам панк идеологијата како пристап кон повеќето улоги кои што ги градам. А тука е и гитарата за да им ја свирам „The wheels on the bus“ на децата кога не се мирни. J

 

4. Умешноста на добро реализирана улога според мене се состои во доловувањето на карактерот на ликот кој се глуми и проекцијата на неговите емоции на публиката. Дали емпатијата е нешто што мора да го поседува секој актер или пак може чисто и технички добро да се одиграат одредени ликови?

Ѓорѓиески:  Викаат дека актер не мора да е добар човек за да биде добар актер. Дури даваат и некои примери, ама не се сложувам со тоа. Емпатијата е особина која ја поседува секој човек. Некои успешно ја прикриваат, да, ама ја имаат. Играњето на улога пред сè се сведува на играње со сопствените емоции и кога тоа се прави искрено, публиката тоа го препознава и се препознава и себеси во тоа. Нели секогаш најинтересни ни се оние актери кои нѐ потсетуваат на нас самите или на нешто што ни е блиско. Или како ние би реагирале во ситуација која ни е чудна и далечна. Актерот, а и уметноста воопшто, е рефлексија на она што се случува околу нас или во нашата глава. Рефлексијата може да биде испервертирана, дисторзирана, зголемена, смалена, затемнета, осветлена, ама секогаш треба да е блиска до нас или до нашата глава. Тогаш допира.


5. Која е најтешката улога која си ја реализирал? Која емоција е најтешка да се одглуми?

Ѓорѓиески: Не знам. Постои изрека во театарските кругови дека театарџијата вреди колку и неговиот последен проект. Секоја улога си носи посебна борба и посебно уживање во борбата. И секогаш е различно. Јас воглавно уживам во сè што работам, ама пак и ретко кога сум до крај задоволен со сработеното. Секогаш мислам дека можеше и поинаку, полесно, полепршаво, попрецизно и така натаму. Досега, најтешко сработените улоги излегоа дека се и оние во кои најмногу уживав. Пред некој месец имав премиера со „Арапска ноќ“ со Зоја Бузалковска и материјалот кој го работевме таму беше еден од најтешките кои сум ги работел. Специфичноста на текстот и стилот на режирање на Зоја бараа посебна концентрација во текот на целата претстава која што не можам да ја објаснам со збор. Повелете гледајте ја претставата на репертоар, ќе ви стане јасно за што зборувам. Исто и последните два филма со кои имав премиера, краткиот „Јов“ од Александар Андоновски и долгометражниот „Втора шанса“ на Марија Џиџева бараа посебна емотивна посветеност и никогаш не можев да бидам сигурен како ќе го одиграм секој нареден кадар, што донесе убава возбуда, а и публиката ги препозна филмовите како добро сработени, така што ете, влогот се исплатил.

 

6. Евидентно е зголеменото вклучување на технологијата и мултимедијалните содржини во самиот театар. Дали тоа значи дека повеќе на публиката не и е доволно единствено да се фокусира на текстот, туку треба вклучување на дополнителни елементи. Колку е тоа добро или лошо за драмската уметност, но и актерите?

Ѓорѓиевски: Ќе го почнам одговорот со уште едно клише: театарот секогаш е во криза. Веројатно затоа секогаш и се експериментира, се бараат нови форми, нови начини на изразување. Тоа е додуша така веројатно во сите медиуми. Како што се менуваат времињата, така се прилагодуваат и изразните средства, ама тоа не значи дека основата не ѝ е доволна на публиката. Ако ги земеме технолошките моменти како фасада на една претстава, темелот обично е приказната, драматургијата, односите, мислата, намерата и останатите основни параметри. Куќата нели без фасада си ја има функцијата на куќа, ама без темел веројатно ќе пропадне, или ќе се држи доволно кратко и нема да си ја исполни функцијата.


7. Речиси сите во даден момент се запрашуваме за она што ќе го одбележи нашето живеење и уште повеќе како ние ќе го обележиме периодот во кој живееме и твориме. Што би било она по што би сакал да те паметат како актер? А по што како човек?

Ѓорѓиевски: Искрено, не сум се оптоварувал со тоа како ќе бидам запаметен. Се трудам да си го направам секојдневието пристојно ако не и повеќе. Во односите со луѓето секогаш се трудам да бидам онаков каков што би бил во дадената ситуација со сопствените деца. И мислам дека ако луѓето барем се трудат да функционираат така дека светот ќе биде за нијанса подобар. Замислете политичар кога одлучува да се асфалтира улица, наместо да гледа да закрпи по неколку сантими од двете страни и да ги пикне в џеб, да ја асфалтира улицата со мисла дека неговото дете ќе вози или ќе пешачи по таа улица и дека ќе биде многу посигурно и возењето ќе му биде попријатно доколку има уште неколку сантиметри асфалт. Замислете административец на шалтер да се однесува со муштеријата како што би се однесувал со син му доколку поддава документи за било што. И така натаму. Тоа се начелата и кога работам професионално и кога ја симнувам маската. Е сега дали ќе бидам запаметен или не, оставам на пошироката околина.


8. Колку актерството дава простор да се биде критички настроен кон секојдневните случувања? Дали секогаш мора да се биде експлицитен за да може да и се долови на публиката реалната иронија од секојдневието, преку одиграна претстава од неколку часа?

Ѓорѓиевски: Уметноста, особено изведувачката, отсекогаш служела како силно оружје за критикување. Или за пропаганда. Изборот е кај уметникот. Не мислам дека мора да се биде експлицитен во изразувањето за пораката да допре до луѓето, ама да, понекогаш експлицитноста е можеби најдобриот начин. Не се сложувам со екстремистите кои сметаат дека уметникот мора единствено да изразува политички ставови на сцена. Понекогаш можеме да си дозволиме да уживаме чисто естетски, ама стојам зад идејата дека уметникот кога бира страна, секогаш треба да е критички настроен кон власта, па колку и да е таа добра. Тој треба да биде маша на прогресивната мисла и да и ги укажува на власта глупостите кои ги прави или работите кои треба да се подобрат. Колку и да е добра власта, уметникот мора да биде опозиција. Во спротивно креативноста се сведува на „турбо – фолк“ по нарачка или таканаречена „тезга“.


9. Одредени случки со својот интензитет и контекстот во кој се случиле знаат да бидат многу битни во формирањето на нечиј карактер, но и животна приказна. Дали можеш да издвоиш вакви случки и како тие се одразиле на тебе?

Ѓорѓиевски: Сè си влијае. Сега ако почнам да набројувам ќе звучам патетично. Не дека ова филозофирањево е подобро J Како и да е, се обидувам да го извлечам најдоброто од секоја ситуација. Лошите работи се надевам дека нѐ прават посилни, добрите дека нѐ прават посреќни.


10. Иако сите трагаме по одговори кои најчесто не ги добиваме, мое мислење е дека прашањата се далеку поважни од одговорите. Што е она што често се прашуваш а сѐ уште немаш одговор?

Ѓорѓиевски: И уште поважен е патот кој се изминува од прашањата до одговорите. Потрагата. Ова може повеќе се однесува на претходното прашање ама мислам дека патот е основниот градител на карактерот. Има многу прашања на кои немам најдено одговор. Дури кога ќе го најдам одговорот на некои, наредниот ден веќе не важат тие одговори. Ама го одам патот. И се обидувам тоа да е холистички колку што е можно, или да не се оптоварувам многу со прашањата на кои веројатно одговорот им е 42.

Интервјуто го подготви: Дражен Котески
Фотографии: Димитар Ѓорѓиевски,Конески Христијан, Ѓорѓи Вацев, Емил Петро 








Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations