Шундовски поднесе неотповиклива оставка
Прегледано: 2446 | Oбјавено на: 23.01.2013
Во дописот до медиумите Шундовски вели:

„Поднесувам неотповиклива оставка на селекторската функција на ракометната репрезентација на Македонија. Одлуката ја носам исклучиво во интерес на репрезентацијата. Селекторската функција ја прифатив во периодот откако им беше понудена на стратези со поголемо портфолио од моето . Јас верував во оваа генерација. Со селекцијата која ја направив исклучиво со македонски играчи и македонски стручен штаб, со најмакедонската селекција во сите спортови и на сите времиња, изборив пласман на Европско првенство 2012, освоив 5. место на ЕУРО 2012, изборив квалификации за Олимпијада, изборив учество на Светско првенство, обезбедив континуитет на големи натпреварувања. Создадов стабилна основа за нови успеси, кои оваа генерација играчи ги заслужуваат. Поискусна за две големи натпреварувања во континуитет, во овие моменти, репрезентацијата го достигнува својот максимум и е зрела за играње во завршниците на големите европски и светски натпреварувања и освојување на медали, кое му го препуштам на мојот наследник. Селекторската функција ја извршував за симболичен надомест, со голема љубов за мојата земја, а ме водеше желбата за нејзина промоција во Европа и светот. Кога се работи за својата земја, не постојат бариери и кочници и ние како репрезентација комплетно вложувајќи се многупати се надминувавме себеси. Им се заблагодарувам на претседателот на РФМ, РФМ, на репрезентативците и на стручниот штаб, за соработката. Горд сум на успесите кои заедно ги направивме. а Македонија ја направивме релевантен фактор во европскиот и светскиот ракомет. На македонската репрезентација во иднина и посакувам многу повеќе успеси и спортски радости“ - пишува во соопштението на Шундовски.
Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations