Личен менаџмент и Практикум по личен менаџмент од авторките проф. д-р Даниела Карадаков и проф. д-р Гордана Тасевска, а во издание на Бизнис академија Смилевски – БАС, Скопје
Прегледано: 487 | Oбјавено на: 08.07.2021
Денес ве поврзуваме со две дела кои даваат корисна поддршка на сопственото менаџирање, а тоа се делата Личен менаџмент и Практикум по личен менаџмент од авторките проф. д-р Даниела Карадаков и проф. д-р Гордана Тасевска, а во издание на Бизнис академија Смилевски – БАС, Скопје.

Авторките на 30 јуни оваа година ги промовираа своите дела пред читателската публика и на сите нас ни даваат можност да читаме и повторно да размислуваме за себеси и сопствените постапки. Врз основа на себерефлексијата ни даваат можност да откриеме во која состојба се наоѓаме, кога и за што треба да направиме интервенција, подобрување или промена. Преку делата, преку примена на презентираните методи и техники, ни создаваат можност да стекнеме знаења и да развивеме вештини кои ќе ни помогнат подобро да се менаџираме себеси.

Визуелното поврзување со нас, како читатели, авторките го прават преку пеперутката. Пеперутката, тие, симболично ја поврзуваат со личниот менаџмент. Зошто? Затоа што секој од нас животот го започнува совршено чист, празен и слободен. Нашиот развој најпрвин е зависен од другите, потоа сметаме дека можеме да живееме и опстоиме независно од другите, се до моментот кога ќе откриеме дека преку меѓусебната зависност ги реализираме своите визии и одговараме на предизвиците и ризиците.

Пеперутка. Како се раѓа?

На сите ни е познато дека пеперутката се раѓа како гасеница. Таа не изгледа совршено, како што не изгледа совршено и нашиот живот. Ако се ставиме во улога на гасеницата, ќе воочиме дека огромен е напорот кој таа треба да го направи за да стане пеперутка. Така и ние како поединци имаме многу задачи, многу обврски, визии, замисли, многу предизвици, но и препреки, ризици кои треба да ги поминеме и надминеме за да можеме да станеме „пеперутки“. За многумина од нас, пеперутката е совршена. Но, ако забележите и од самата илустрација на корицата, пеперутката има и свои недостатоци и не е совршена. Таа сеуште има можности да се развива, да вложува во себе за да стане уште подобра. Затоа, ние, симболично претставени како пеперутка, треба постојано да вложуваме во себе, во личниот развој, да умееме да се себеменаџираме, а од друга страна, да се обидеме да се заштитиме од опасностите кои не демнат од многу страни. Тоа е основата на личниот менаџмент.

Авторките се надеваат дека секој може да има лична корист од нивниот придонес и затоа овозможуваат секому овие дела да ги има при себе. Делата се достапни за продажба во просториите на Бизнис академија Смилевски – БАС во Скопје и во Битола.

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations