Интервју со Добрила Грашеска (Чалгија саунд систем).
Прегледано: 989 | Oбјавено на: 10.07.2019
 

Познавајќи те долго време мислам дека си ретко добар соговорник, па ќе оставам простор таа твоја луцидност обоена со пријатна енергија во дискусијата да ја почувствуваат и читателите. 

Сите имаме различна животна приказна и различна причина зошто сме направиле одредени одлуки поврзани со нашето живеење. За тебе, што беше пресудно да донесеш одлука да се занимаваш со музика?

Грашеска: Тоа не беше одлука... тоа беше верба! Јас едноставно, знаев дека ќе се занимавам со музика. Околу тоа немав никакво двоумење. Изборите што ги правев во текот на животот ту ме одвлекуваа, ту ме доближуваа до музиката за конечно пред десет години да се приклучам кон оваа матица и да останам таму. На мое големо задоволство.


Честопати иако мислиме дека ние сме направиле некоја одлука, по
доцна согледуваме дека таа одлука некој веќе ја направил за нас. Што мислиш, дали ти посегна прва по музиката или музиката посегна по тебе?

Грашеска: Јас посегнав по музиката, чалгијата посегна по мене 😊. Тоа беше заедничко и силно гушкање. А кога двајца искрено се гушкаат – тоа не значи ништо друго освен вистинска и искрена љубов, љубов на прв поглед, судбинско „ДА“.  

Зошто баш чалгијата? Дали како избор дојде после повеќе музички експерименти или пак едноставно имаше некој „клик“ во таа музичка димензија?

 

Грашеска: Па, да бидам искрена, тој, како што го нарекуваш ти „клик“, дојде намерно. Отсекогаш сум била на „ти“ со македонската изворна музика затоа што тоа бил мојот музички мајчин јазик. Тоа се долги летни попладниња кога се слушаат македонски песни од радиото што стои високо на ѕидот, а сите што си ги сакаш и ти се блиски седат околу тебе. Ете така, на природен начин, се учиш на една естетика којашто го создава идентитетот.   


Хиперпродукцијата на музика и генерално секакви содржини доведува до презаситување и разгаленост во вкусовите. Како да се препознае квалитетот и кој
е тој што го дефинира? Луѓето или времето? 

Грашеска: Твоето прашање го носи во себе и одговорот. Точно е дека постои хиперпродукција којашто се создава поради достапноста на алатките со кои можеме да ја создадеме : интернет, компјутерски програми за домашна продукција итн, итн... со што се доведуваме до длабоко „закопување“ во невкус, шунд и глупости. Меѓутоа, токму поради хиперпродукцијата се создаваат и разгалени слушачи или консументи на уметноста - затоа што тоа е еден вид лична одбрана од сѐ што може да го загрози уметничкиот интегритет. А квалитетот секогаш го одредувале два филтра: добрите познавачи на уметноста и времето. Мора да помине кај едните, ама мора да го положи и тестот на времето. Чалгијата е еден типичен пример за тоа. Таа е мелем на рана за сладокусците веќе двесте години. Убав доказ дека квалитетот не губи со текот на времето.

Ете, ти реков дека одговорот е во твоето прашање?   


Некогаш помалку или повеќе јасни се причините за успех на музичката сцена. Што според тебе е пресудно за успехот на еден албум? 

Грашеска: Добар материјал за сладокусците и одличен маркетинг за да те забележи публиката! Во овој момент мислам дека тоа е пресудно. Но навраќајќи се на некои совршени, а не толку познати изведувачи и албуми, морам да го додадам и елементот СРЕЌА. И мислам дека среќата е пресудна. Едноставно, некои работи се случуваат во среќни околности и доживуваат невиден успех. Меѓутоа, понекогаш нешто се „закочува“ и совршени албуми / композиции никогаш не стигнуваат подалеку од локалната фела или се забораваат за неколку години. За жал... само, што и во ваквата позиција постојат среќни околности, а тоа е што што се снимени на носач на звук. А тоа значи дека квалитетот кога-тогаш ќе биде забележан.

Сите ние различно ја доживуваме музиката. Некои сакаат да си потсвирнуваат дел од нивната песна, некои во радост ги шепотат омилените рефрени и стихови. Кога би бил изборот помеѓу музиката и зборовите, што е твојот избор?

Грашеска: За мене песните се како луѓето: најпрво ги осознаваме преку нивната надворешност. Па ќе речеме: „Убав дечко... убава девојка... “ Но малку подоцна, кога ќе почнеме да се дружиме со нив ги забележуваме сите нивни карактерни особини. И тие тогаш вистински ни се допаѓаат. Или не. Откако ќе увидиме со какви луѓе си имаме работа или ги задржуваме покрај себе или не им одговараме на телефон 😊. Така е и со песните: мелодијата е нивната надворешност, текстовите нивната внатрешност. Неделиви се. Толку е.  


Сите оставаме печат во нашето битисување. Некои на оние кои ги познаваат, некои на оние кои доаѓаат. Некои пак поставуваат нови правила по кои времето или она што го прават се дели на пред и после нив... По што сакаш да те паметат во твоето музичко патување? 

Грашеска: Хм... Мислам дека нашите планови ретко кога се остваруваат како што сме си замислиле. Единствената работа која ни е дадена, е да ја сработиме работата најдобро што знаеме. Во мојот случај: да отпеам најдобро што можам, со вистинските емоции и со приказната што си ја замислувам за песната. Само тогаш може да се допре до ганглиите на слушателите. На крајот на денот, мислам дека е најважна вредната работа и искрениот пристап. Доколку она што ќе го сработиме има вредност – тоа ќе се запамети, а покрај моето дело и мене.  


Музиката од сите уметности најмалку е ограничена и најприфатена од сите генерации. Што според тебе ги прави луѓето толку приемчиви за музиката, или пак што е тоа што музиката ја прави идеална за лесно сетилно конзумирање?

Грашеска: Сликата може да се види, а и да се допре. Танцот се гледа: може и да се заигра; архитектурата си има свои материјални датотеки; книгата се допира, гледа, чита и создава светови... а музиката - ништо од ова. Меѓутоа, таа се движи во друга насока: таа е недопирлива трепетлика. Таа едноставно не е нешто што се допира – таа има задача да ТЕ допре. Таа е единствената уметност која е нематеријална. Таа е апсолутна состојба на духот и како таква има неограничени можност да каже сѐ што треба на сосема поинаков јазик. Јазик различен од познатите кои многу често не се разбрани точно, без зборови кои нѐ „разделуваат“. Имајќи ја оваа сила во себеси, музиката може да допре до сите – затоа што е Светиот Дух на уметностите.

Најчесто луѓето кои ќе го доживеат успехот стануваат зависни од него. Еден од начините да се биде успешен е континуирано да се работи на себеспознавањето и личниот раст. Што би корегирала кај себе како личност, а што како професионалец. 

Грашеска: Па би го коригирала времето: кога би можело еден ден малку повеќе да трае за да се изнаработам 😊. Мислам дека најважно од сѐ е да се работи. И да се знае што. Да имаш цел и да се држиш до неа. Ако тргнувам од мислата (моја) дека добар професионалец се станува поради карактеристиките на личноста, тогаш поправките би биле кон двата дела од мојата личност: би сакала да можам да бидам помалку одговорна. Тоа понекогаш знае многу да ме оптовари затоа што постојано имам чувство дека сѐ треба јас сама да сработам, а нема да успеам. Тоа знае да биде многу тешко и тоа е причината зошто ми треба подолг ден. Ама ако не сум таква, ќе има ли вредност мојата работа?      


Не постои музичар кој не ужива во боите и купот албуми кои му го дефинирале вкусот со текот на времето. Без кој албум не би можела да ја замислиш твојата музичка колекција и со што најмногу го „комбинираш“?

Грашеска: Никој никогаш не ме прашал за ова! Има многу такви албуми, ама нешто на кое со радост се враќам и мислам дека можам до бескрај да го слушам се: албумот „Mingus на Joni Mithell и Art Pepper Thursday Night at the Village Vanguard. Има и други секако. Само што овие два ми одат со секаква салата.


Некои луѓе помалку или повеќе се умешни во правењето на паралели во навидум неповрзани работи. Сите ние заради нашето искуство сме помалку или повеќе субјективни и обоени со одредена доза на предрасуди. Дали според тебе може да се направи паралела помеѓу музиката која ја слушаат луѓето и нивниот светоглед?

Грашеска: Па, тоа е единствениот начин на кој се создава публика! Зошто? Затоа што секоја публика има свои навики, свои определби, свој светоглед и своја естетика. Не може секоја музика или уметничко дело да им биде наменето на сите и истовремено сите да го разберат. Тоа е невозможно. А предрасудите се раѓаат поради тоа што не знаеме доволно за она другото што не го слушаме, што ни е непознато, односно што нѐ плаши. Затоа луѓето треба да се ги прошират видиците и да ги отворат ушите и очите. Инаку, секој ќе гледа само во својот двор.    


Музиката до одреден начин е суптилна комуникација со која може да се запрашаат различно прашања но и да се добијат најразлични одговори. И за сите нас тие се неверојатно различни. Што е она што ти сакаш да го пренесеш преку музиката?

Грашеска: Во последниот албум „Тихувај“ сакам да посочам на некои архетипски прашања коишто секој од нас си ги поставува, а се однесуваат на постоењето, љубовта, осаменоста, очекувањата, повторната средба меѓу двајца партнери. Но големата порака е дека со музиката може да се влијае на умот, на мислата, на сознавањето, со неа може да се поттикне за себеразмислување, за општествено – политичка мисла, на социјална неправда. Буквално на сѐ што се однесува на животот.

 

Во динамичниот свет на промени често имаме повеќе прашања отколку одговори. Најчесто прашањата кои си ги поставуваме се поважни од одговорите кои ги добиваме. Кое е твоето најчесто поставувано прашање во денешницата и дали често одговорот се менува?

Грашеска: Најчесто си го поставувам прашањето за вредностите. И за нивниот пад целокупно. Тоа значи пад на вредностите на образованието што повлекува пад на нормите, пад на размислувањето, на носењето одлуки, правењето добри избори, воспитувањето, создавање коруптивна мисла и однесување, а сето тоа води до пад на целиот систем. Клеветење, невкус, лоши мисли и коментари... ова не се темели на нешто добро. Ама на светот има и добри луѓе коишто имаат задача да го прават спротивното и сполај им за тоа...  


Специфичниот глас, посебноста на чалгијата како македонски блуз, враќањето на заборавениот дух на убавината на македонскиот музички израз, текстовите како една нова светлина во душите на публиката e
ваше обележје. Сметаш ли дека со сето ова поставивте цврсти темели на вашиот дом (Чалгија Саунд систем) со повеќе од една деценија присуство на македонската музичка сцена?

Грашеска: Покажавме како ја замислуваме чалгијата. Го зедовме нејзиниот звук и го направивме по наше. Јас ги пеам песните со првичната страст, а моите другари чекорат понатаму откривајќи ја тајната на своите инструменти Така направивме звук кој е наш и оригинален. Ако успеавме во меѓувреме да создадеме луѓе коишто ова го препознаа – сме го направиле вистинскиот чекор. Во моментов одиме понатаму правејќи развој на чалгијата и носејќи ја во нашето време – употребувајќи ја електрониката како алатка, создавајќи авторски мелодии и пишувајќи современи стихови создавајќи го така нашиот најнов продукт, албумот „Тихувај“. Епилогот на ова музичко парче ќе го очекуваме по вашето преслушување. Ве поздравувам!

Интервјуто го подготви: Дражен Котески
Фотографии: Миладин Паповиќ

Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations