Промоција на книгата „Надвор од линијата“ од Ивана Тасев
Прегледано: 1326 | Oбјавено на: 24.12.2013
Издавачката куќа „Галикул“ има чест да Ве покани на промоција на првата книга „Надвор од линијата“ (одбрани разговори) од новинарката Ивана Тасев. Настанот ќе се случи на 25 декември, со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар (горно фоаје). Книгата е поддржана од Министерството за култура, воведот го потпишува Гоце Смилевски, а визуелното обликување е на Бојан Кртолица. Промоцијата спонтано ќе се претопи во забава до полноќ, а за добрата атмосфера ќе се погрижи Ѓорѓи Јаневски со својот музички избор. Медиумски покровители на настанот се музичкото радио - Канал 103, Сити и Метрополис радио.

Новинарката, годинава одбележа десет години креативна работа во неделното списание „Теа Модерна“, па оттаму и потребата да ги заштити од заборав некои од своите длабоки и искрени пишани дела, кои досега се објавени во тиражниот неделник. Станува збор за интервјуа со веќе добро докажани и звучни имиња од креативната македонска сцена. Милчо Манчевски, Антони Мазневски, Методиј Златанов, Никола Ристановски, Жанета Вангели, Јасна Котеска, Соња Абаџиева, Дејан Дуковски, Александар Поповски, Игор Тошевски, Александар Станковски-Рембрант, Христина Иваноска и Јане Чаловски, Гоце Смилевски, Дејан Лилиќ, Сашо Мацановски-Трендо, Борјан Зафировски, Георги Шарески, Срѓан Јаниќиевиќ, Лидија Георгиева, Искра Шукарова, Слободан Унковски, Венко Андоновски, Биљана Тануровска - Ќулавковски, Игор Иванов-Изи, Сашко Коцев, Горан Величковски, Камка Тоциновски, Мирко Попов...

„Овие редови, отскокнуваат од линијата на класично интервју и природно се преобразуваат во куси литерарни творби. Текстовите дотолку ги разоткриваат уметниците како личности, нивните форми на изразување, ставови, пориви, доблести, слабости, интимни размисли, нивната чувственост... што прави да се впиваат во еден здив. Тие се печат на едно време. Доказ дека постои плодна и потентна сцена. Сведоштво за варијабилите на уметничка сцена во Македонија, изминативе десетина години. Своевиден уметнички тестамент. Транспарентно огледало на уметничката свест. Затоа што верувам дека постои огромна подземна желба повторно да се воспева убавината. Ова четиво може да биде од корист и на следните генерации, кои би сакале да го детектираат уметничкиот светоглед на респектибилните уметници од ова време. Бидејќи, ова е книга, како слика на едно време. Достоен стремеж кон светли нешта. Минуциозен поглед навнатре. Манифест за македонска пролет“ вели авторката Тасев.

Извадок од поговорот на Гоце Смилевски за книгата „Надвор од линијата“

„Невообичаено е кога една впечатлива личност и појава, каква што несомнено е Ивана Тасев, една од оние кои се забележливи и се издвојуваат веднаш и „од прва“ дури и кога се во мноштво, ја одбира онаа друга позиција, во сенка, која и служи за да фрли светлина на другиот, на соговорникот. Но, секој кој ги имал задоволството и честа да биде интервјуиран од неа, знае и нешто друго: дека таа не е само онаа која заинтересирано и љубопитно поставува прашања, таа е онаа која, секогаш суптилно, ги наведува да навлезат длабоко во настаните и оттаму да не извлечат само фактографија, туку длабоки сознанија. Таа е онаа која, при разговорот, ја руши бариерата, ги бара кулминативните точки, води кон ерупција во одговорите, преку своите размисли, вткаени во прашањата. Инсистира да се зачекори надвор од линијата, од предвидливото и баналното, па оттаму и самиот наслов на книгата е „Надвор од линијата“. Изборот разговори, овозможува приближување до самата Ивана Тасев, тие ги исцртуваат контурите на портретот на својата авторка, тие ја откриваат конзистентноста на нејзините ставови и размисли, јанѕи и радувања, толкувања и промислувања, тие ги бележат и нејзините осцилации, подеми и падови во расположенијата, чувствата и доживувањата, тие ги откриваат нејзините ставови и сомнежи, нејзините љубови и пасии. Оваа книга е еден долг, длабок, прониклив разговор. Разговор со соговорниците на Ивана Тасев, но пред сè, разговор со Ивана Тасев“, вели Смилевски во книгата.
 
Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations