Промовиран видео спотот за песната Деца на Сонцето
Прегледано: 3857 | Oбјавено на: 06.11.2013
Во МКЦ клубот и ресторан беше промовиран видео спотот и песната „Деца на Сонцето“ од Влатко Стефановски, која наедно е и насловниот сонг од истоимениот игран филм на Антонио Митрикески, кој се снимаше летово на локации покрај крајбрежјето на Преспа. Покрај оваа песна, како водечка, Стефановски ги потпишува и другите песни за саундтракот на филмот.

„Досега имам направено музика за 30тина филмови и секогаш се радувам кога добивам такви покани, но за македонски филм немам работено многу одамна уште од времето кога ја правев музиката за „Џипси меџик“ на Столе Попов. А тоа беше далечната 1997 година. Така што оваа понуда на режисерот Митрикески ми дојде како мелем на душа. Покрај сонгот, филмот ќе има и амбиентална музика, со оглед на прекрасниот амбиент на Преспанското езеро, каде што филмот е сниман, а кое за мене беше право откровение. Ќе има и наменска музика за некои сцени.

Песната е рефлексија на размислите на Влатко за филмот и воопшто светот околу нас.
„Со оглед на моите години сум видел доста тоа, многу сум патувал, сум среќавал и обични и необични луѓе, сум бил сведок и на историски настани, промени, турбуленции, a моите мисли се обидуваат да го разберат светот и векот, да фатат смисла, за тоа каде и како се движиме напред или назад. Размислувам за вкусот на патлиџаните, пиперките и лубениците од пред десет-петнаесет години и овие сега. Размислувам за опстанокот, за желбите, за љубовта, за чувствата, заблудите, страдањата, за времето кое лета, размислувам за локалното и глобалното, за личното и општественото, за минливоста на животот и за траењето на уметноста... Со еден збор за се за кое жив човек размислува...“

Филмот е во процес на монтажа, а се очекува да биде целосно готов кон почеток на март следната година. Југословенскиот мајстор на монтажата и култна фигура од филмскиот еснаф, Андрија Зафрановиќ работи во моментов во Скопје на филмот и го монтира. Како што изјави на самата промоција и режисерот Митрикески: „Ова е филм правен со многу љубов и позитивна енергија, која екипата безрезервно ја даваше. И мислам дека тоа се чувствува во секоја сцена од филмот“

Во филмот играат: Ивана Павлаковиќ, Кире Ѓоревски, Мето Јовановски, Владо Јовановски, Милица Стојанова, Билјана Таневски, Данчо Чеврески, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Мартин Мирчевски, Емир Хаџихафизбеговиќ...






 
Оставете го вашето релаксирано мислење:


Најчитани
Најнови





Facebook
Reccomendations